ЗНМ СО РЕАКЦИЈА ЗА ВЧЕРАШНИОТ СПЕЦИЈАЛЕН ТРЕТМАН КОН СТРАНСКИ НОВИНАРИ, БИЛЕ РАЗВОЗУВАНИ СО ВЛАДИНИ ВОЗИЛА И СЕДЕЛЕ ВО ДИПЛОМАТСКАТА ЛОЖА

0
405

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска упати реакција и барање за објаснување за непринципиелниот третман кон странски новинари во Собранието на РСМ до новоизбраниот Претседател на Собранието, Јован Митрески.

„По пријава до ЗНМ од страна на новинари и според медиумски објави во текот на вчерашниот ден, четворица новинари биле привилегирани од страна на службите за сметка на новинарите и медиумските работници од домашните медиуми. Според видео прилогот и укажувањата на порталот Portal X, четворицата странски новинари биле сместени да седат во дипломатскиот дел на терасата во пленарната сала и исто така во текот на нивната посета биле пренесувани со владини службени возила.

Сметаме дека досега ова не било пракса и укажуваме дека со ваквите постапки се прави преседан кој може да остави впечаток дека некој е привилигиран за сметка на друг во новинарската фела. Ваквиот третман во најмала рака ги омаловажува останатите новинари и создава перцепција дека се влијае на странските новинари да известуваат во полза на домашните чинители од политичките партии во собранието, додека пак нееднаквиот третман на новинарите придонесува за недостаток на транспарентност и отчетност“ се вели меѓудругото во соопштението од ЗНМ.

Оттаму порачуваат дека „привилегирањето на одредени новинари во однос на други од страна на службите на Република Северна Македонија предизвикува сериозна загриженост за слободата и интегритетот на новинарството во земјата. Таквото фаворизирање може да резултира со пристрасно известување, цензура и сузбивање на различни гласови, што на крајот ќе го загрози правото на јавноста за пристап до точни и непристрасни информации“.