ЗНМ: Заканите за новинарите од Обвинителство се дрзок обид да се врзат рацете на новинарите

0
488

znm1-540x361

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро ги осудува заканите за кривичен прогон на новинарите упатени од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ако објавуваат  материјали  кои што можат да станат предмет на кривична постапка.

Здружението вели дека ваквиот чекор е обид да се укине најважната функција на новинарството.

„Ваквото однесување на обвинителството е бесмислено затоа што дрско бара да се укине улогата на медиумите како коректив на властите во едно демократско општество. Со ваквите закани кон новинарите Обвинителството ги загрозува уставните права и слободи на новинарите и граѓаните. Го потсетуваме Обвинителството дека македонскиот Устав е многу јасен. Тој во член 16 забранува цензура и ја гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање како и слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации“, се вели во соопштението.

ЗНМ вели и дека ваквиот обид нема никаква врска со законите, оти бара цензура за материјали што не се дел од постапка.

„Освен тоа овие закани на Обвинителство не се засновани на закон. Не постои таков закон во Македонија што му дава право на обвинителот да воведува цензура за објавување на материјали кои што откриваат кривични дела. Обвинителството може да повика да не се објавуваат материјали за истрага која е во тек, меѓутоа да се бара необјавување на материјали што можат да бидат предмет на кривична постапка е рамен на апсурд и претставува тешка злоупотреба на институцијата .
ЗНМ ги охрабрува новинарите да не потклекнат на ваквите празни закани кои што немаат никаква законска основа и ги повикува да известуваат согласно Етичкиот кодекс на новинарите, кој бара новинарите да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана“, порачува ЗНМ.

Здружението ги потсетува новинарите на членот 5 од Етичкиот кодекс, според кој новинарот треба да ги почитува законите во државата, но нема да објави или сокрие ништо што е во спротивност со јавниот интерес.