„Знаев дека е насилен, но си го сакав семејството“

0
557

F1.large_7691-540x414

– Директорката на Центарот за социјални грижи во нашиот град му е прва братучетка. Знае за каков човек станува збор, но сепак, му помага – кратко објасни Мила за Либертас во својата приказна за емоционалната, семејната и инсититуционалната голгота која ја поминува овие неколку години.

Мила, мајка на две деца која живее во еден од неколкуте поголеми градови во Македонија барање за развод на бракот поднела во јануари 2013-та година, по долг период на психолошко, но и физичко насилство.

– Потоа почна вистинска седуммесечна голгота, која не можев да ја поднесам и во септември се преселив кај мајка ми – вели таа.

Откако  на својот, сега поранешен сопруг, му соопштила дека сака да го напушти, нештата станале невозмони да се издржат.

– Беше психички и физички насилен. Ми ја исклучуваше водата и струјата, ми ја фрлаше облеката за да не можам да се спремам за на работа. Ме нарекуваше секако, ме навредуваше и понижуваше пред децата – вели Мила и додава дека во февруари била физички повредена по што пријавила, добила лекарска потврда која ја приложила на суд.

Сопругот добил двегодишна условна казна за физичко насилство.

– На суд велеше дека нема кренато рака на мене. Десет дена подоцна, пред полицијата каде беше викнат за семејно насилство го призна делото. Кога со тој документ реагирав кај судијката, таа ладно ми рече: „Каква мајка си ти. Јас никогаш не би ги напуштила децата. Никој не би можел да ме избрка“ –вели Мила.

На 28 октомври 2013-та година, судот ги доделил двата сина на таткото.

– И покрај двегодишната условна казна за физичко насилство и без еден ден работен стаж, сепак му ги доделија синовите – вели Мила.

Центарот за социјални грижи донел одлука дека таа може да ги гледа еднаш неделно во петок.

– Синот ќе дојде да се види со мене. Делува трогнато и среќно се топи. Но татко му му се јавува по 15 минути. Потоа секогаш беше видно вознемирен и се тресеше. По некое време престана да доаѓа – вели Мила.

Таа се обидела да стапи во контакт со синовите неколку пати појавувајќи се во нивните училишта, и на тренинзите.

– Таму дознав дека мојот поранешен сопруг одел кај нивните прфесорки и велел: „Децата немаат мајка“.

Пред некој ден од Центарот за социјални работи Мила  добила известување дека синот, по барање на бившиот, не оди повеќе на тренинг поради тоа што, наводно, го вознемирувала и малтретирала.

– Со тоа поранешниот сопруг бара да ми спречат да одам онаму каде што синот е присутен. Бидејќи директорката на центарот му е роднина сметам дека ќе му излезе во пресрет – вели Мила.

Според неа, животот со таткото, како и неколкугодишните проблематични семејни односи имат реперкусии на нејзините деца.

– Малиот син има лоши оценки. Не оди на училиште. Татко му му вади лекарки оправданија – вели таа.

Мила нагласи дека потоа од Центарот за социјални работи во нејзиниот град побарала психолози да разговараат со детето, таткото, и со неа заедно.

– Тие на писмено ми одговорија дека ќе го реализираат моето барање. Тоа не се реализираше – вели таа.

Според неа, психолошкото и физичко насилство на нејзиниот сопруг, во текот на седумте месеци откако му соопштила дека сака да се разведе, е со цел да и ја одземе куќата која ја добила како подадок од нејзината мајка.

На Апелација добив дека куќата ми припаѓа. Тој ја обжали одлуката, по што доби идеална половина. Мојод адвокат сметаше дека тоа е преседан. Одлуката ја обжалив – вели таа.

На крајот на разговор вели, била наивна кога верувала дека може да го промени својот насилен поранешен сопруг.

– Секогаш беше во некоја форма насилен. На ваков или таков начин. Но, наивни сме ние жените. Мислев дека можам да го променам. А и многу си го сакав семејството – вели таа.