Земјотрес го стресе Скопје, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека е од бомбите на Заев

0
582

Земјотрес со епицентар во близината на Скопје регистрирала денеска телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, со станици во Скопје, Штип, Валандово, Битола, Охрид и Крушево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Иако од Опсерваторијата велат дека не може да се потврди директна поврзаност на потресот со најавената 17. бомба на опозицијата, сеизмолошкиот аналитичар Тања Каракамишева не мисли така.

zemjotres-skopje

– Повеќе од јасно е дека СДСМ и штети на Македонија и намерно предизвикува политички потреси со намера да не доведе до ситуација на политичка нестабилност. Без нималку да покажат чувство за фактот дека Македонија и особено Скопје се наоѓа на трусно подрачје, тие си рокаат бомби кога ќе им текне. Демократските пракси налагаат бомби да се пукаат контролирано, само во лабораториски услови и под директен надзор на МВР, но за жал македонската неодговорна опозиција продолжува со своето антидржавно однесување – смета Каракамишева.

Во соопштение на владејачката ВМРО-ДПМНЕ се вели дека Заев со потреси сака да ја урне владата, за потоа тој да дојде на власт и му порачаа „наместо да работи на земјотреси, да понуди програма за вработување на нови десет милиони Македонци“.

Земјотресот кој се случил во 10.50 часот претпладнево, според досегашните макросеизмички податоци, е почувствуван во северниот дел од територијата на Република Македонија. Во Скопје и околината имал интензитет од 4 степени според Европската макросеизмичка скала–1998, соопшти Сеизмолошката опсерваторија. Потресот од денешната бомба можно е да се почувствува и на поширока територија, не само во границите на РМ.

Извор: Коза Ностра