ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД ОВЧЕ ПОЛЕ БАРААТ ДА НЕ СЕ ПРЕНАМЕНУВА КВАЛИТЕТНОТО ЗЕМЈОДЕЛСКО ЗЕМЈИШТЕ ЗАРАДИ ПОСТАВУВАЊЕ ФОТОВОЛТАИЦИ

0
153

Во Општина Свети Николе досега биле издадени 15 дозволи за изградба на фотоволтаици (Фото: СДК.МК)

Земјоделците од Овчеполието реагираат на зголемениот број површини каде што се поставуваат фотоволтаици. Во овој рамничарски регион, поради големиот број сончеви денови во годината, зголемен е интерес за добивање електрична енергија со фотоволтаици. Тоа принуди голем број фирми да бараат пренамена на површините и да купуваат земјиште за изградба на овие капацитети за производство на електрична енергија. Земјоделците стравуваат дека земјоделските површини се претвораат во градежни парцели.

„Не сме против фотоволтаици, но да се поставуваат на земјиште од седма класа, тоа што е најмалку квалитетно. Се дава земјиште од прва, втора класа, каде што ние произведуваме леб и одгледуваме стока“, вели Љубе Атанасов во име на бројните земјоделци од Овче Поле.

Од Општина Свети Николе потврдуваат дека има зголемен интерес за дозволи за фотоволтаици, но негираат дека не се води сметка за земјиштето кое се доделува за изградба.

„Секое барање кое е до четврта класа, кое е плодно земјиште, Советот на Општина Свети Николе го одбива. Тие се површини со систем за наводнување и не дозволуваме таму да се градат овие капацитети за производство на електрична енергија. Сепак, ние сме земјоделски крај “, кажа Дејан Владев, градоначалникот на Свети Николе.

Досега во оваа општина биле издадени 15 дозволи за изградба на фотоволтаици, а во процедура биле уште 15.

Дел од плодното Овче Поле припаѓа и на Општина Лозово. Од локалната власт информираа дека досега кај нив нема интерес за поставување фотоволтаици и за пренамена на земјоделското земјиште во градежно.

Стопанственикот Кочо Анѓушев, кој има капацитети за производство на електрична енергија, предупредува дека не треба да се претерува со поставување фотоволтаици.

„Добро е кога се градат енергетски капацитети за обновливи извори. Тоа се ветерни електрани, мали хидроелектрани до 10 мегавати, биогасни електрани и фотофолтаици. Ние сме еуфоричен народ. Така, сега се градат фотоволтаици. Но, не смее да се оди со нив во недоглед. Тие произведуваат струја од април до септември, од 9 до 17 часот. Ако се изградат голем број, ќе се случи да имаме поголемо производство во овој период отколку што ни се потребите“, вели Анѓушев, кој е редовен професор на Техничкиот факултет во Скопје.