Премиерот Христијан Мицкоски вчера на собраниската седница за пратенички прашања одговарајќи на прашање од пратеникот Димитар Апасиев спомена подигнати кредити од страна на Левица за купување на партиски простории. „Сериозно е дека фактот дека водиме држава, од истата таа држава од која ти земаш плата и добиваш финансирање на твојата партија и од која бараш документи за да ја интабулираш за да земеш кредит и да купиш нов деловен простор во центарот на главниот град за партијата Левица. Во меѓувреме ќе се подновиш со ново возило, ќе уживаш во комфорот“, рече Мицкоски во препукувањето со лидерот на опозициската партија.
Како што веќе од поодамна дознава „Фактор“, Левица има купено деловни простории во центарот на Скопје во близина на Национална опера и балет. Средствата се обезбедени од банкарски кредит за ново репрезентативно партиско седиште. Објектот е на три ката, од кои оној најдолу треба да биде партиско бифе. Од партијата веќе десетина дена одбиваат да одговорат на испратените прашања од страна на „Фактор“. Прашањата беа испратени уште од 15 октомври со уверување од Левица дека ќе бидат одговорени, иако досега тоа не беше сторено. Актуелното партиско седиште на Левица се наоѓа во Аеродром пред населбата Ново Лисиче, односно пред самиот крај на булеварот Јане Снадански. Левица оваа година има добиено околу 250.000 евра од буџетот за изборни активности и по основ на запишан гласач.