За прилепското обвинителство

0
758

Откако преку објавување на првите бомби на опозицијата започна непоколебливата и отворена борба против криминалната банда која ја узурпира државата,  поради работниот ангажман и неможноста секојдневно да бидам присутен пред Влада заедно со борците против режимот, одлучив тука, во Прилеп, целата своја енергија да ја насочам кон прибирање информации и податоци кои надлежните државни органи и ЕЛС Општина Прилеп се должни да ги поседуваат и да ги дадат согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Ми беа потребни неполни 6 месеци за да приберам материјали за скоро сите реализирани проекти од страна на прилепската локална самоуправа, особено оние за кои постоеше сомнеж дека можат да содржат незаконитости при нивната реализација.  Со секој прибавен материјал од локалните власти, кај мене се’ повеќе растеше револтот кон нив.

Кога после детална анализа голем дел од  реализираните проекти ќе се добие вистинската слика за начинот на функционирање на твојот град, кога ќе се разобличат бизнис релациите на, за јавноста, поделените „наши“ и „ваши“ бизнисмени, кога ќе се осознае интересот на носителите на јавни функции и нивниот немилосрден апетит за лично богатење по секоја цена, тогаш се создава целосната слика за тоа кој каков интерес имал, кој и зошто бил послушен, зошто учествувал во таквиот начинот на функционирање на локалната власт зошто не реагирал…

Разочарувачки делува фактот што овие кои ги нарекуваме локална власт биле толку самоуверени и слободни да вршат криминал, да ги погазат сите закони кои како и сите останати граѓани се обврзани да ги почитуваат, начинот на кој така евтино си ја купиле сопствената слобода токму во периодот кога криминалот го правеле јавно, пред очите на сите нас.

После таквата анализа, издвоив 35 реализирани проеки, во кои не само што е очигледно дека се „криминални до даска“ како што би рекол Ставрески, ами писмените докази сами по себе говорат и за личната одговорност.  Остана дилемата по однос на прашањето, како Основното јавно обвинителство (ОЈО) ќе постапува заради утврдување на кривична одговорност на сите оние кои учествувале во реализација на криминалните проекти?

Со оглед на тоа што сум имал можност да знам малку повеќе за карактерната структура на јавните обвинители во ОЈО Прилеп, поради долгогодишната позиција на еден од моите родители во таа институција, најпрво иницирав 4 постапки со апсолутно обезбедени сигурни докази за постоење на кривичните дела за кои кривичните пријави се однесуваа.

Прва беше кривичната пријава за реализација на проект изградба/рушење на фонтана на плоштадот „Методија Андонов Ченто“, која првично беше доставена до Основното јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, а потоа отстапена на постапување пред ОЈО Прилеп.

Втората пријава беше поврзана со злоупотреба на постапката за легализација на стан, сопственост на ќерката на раководителот на одделението за урбанизам Ицко Чупаркоски, вујко на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, третата беше поврзана со незаконската изградба на споменици на подрачјето на Општина Прилеп, а четвртата кривична пријава се однесуваше на злоупотреби со средствата на АД „Македонски пошти“ Прилеп.

Во периодот кој следи, преку опсежна анализа на постапките кои се водат пред прилепското Јавно обвинителство, ќе бидете сведоци за тоа како ова обвинителство постапува кога е во прашање гонењето на сериозниот криминал од локални рамки и локалните криминалци.

Ова јавно обвинителство, сакало или не, ќе мора да даде одговор на сите спорни прашања кои ја засегаат јавноста. Во спротивно, за скоро време, ќе мора да започне да ги жртвува најпреданите послушници на режимот од кој се плаши и заради што постапува така како што постапува.

Мојот ангажман на тоа поле овде нема да сопре. Напротив, тој штотуку започна. Ова не е крајот ами почеток на промените кои ги очекува обичниот човек, промени за ПРАВО, ПРАВИЧНОСТ И ОДГОВОРНОСТ.

Пишува : Адвокат Жарко Стеваноски