За олоши меѓу новинарите

0
705

Поделбата на новинари на вакви и такви, да бидам искрен, ниту сметам дека е ерес ниту пак негде во светот, како во секоја фела, има хармонија и едноумност. Не е тоа калап за правење цигли, па секој да штанца во ист формат и димензија. Напротив, слободниот ум, особено на новинарите како гласници на јавноста, но и нивната одговорност се богатство на секоја демократска држава.

aco-kabranov

Но кај нас е нешто сосема друго, не е проблемот во провладини и проопозициски новинари. Нам ни се случува уште со години наназад нешто друго – новинари рекетари, хушкачи, кои за да ја одработат агендата на оној што ги плаќа, не се служат само со обично плукање на колегите од другиот табор, туку јавно искажуваат и омраза небаре си му убил брат ако не мислиш и пишуваш како него.

Мене, да бидам искрен, плукањата од такви не ме допираат, но во последно време ите како ми пречи кога тие плукачите и мразачите сакаат нивното бесчестие да го изедначат и да бидеме демек сите исти.

Е то драги мои, „не че мочи тако лако“, се надевам барем кај дел од популацијата која има ум да прочита кој е кој и што е што. Со чиста совест, не прифаќам да ме ставаат во кошот на добропознатите новинари рекетари, разни мешетари и шоумени. Тие знам, потребни и се да и служат на секоја власт, тие се секогаш на ИЗВОЛТЕ, само и само тоа да го материјализираат во хациенди, бизниси и ред други работи. Така решиле, така нека прават, ич не ми е гајле, ама реков, нема да прифатам дека всушност ОЛОШИТЕ меѓу нас новинарите, да ти биле жртви, и тоа од никој друг, туку од нас, демек нивни противници, што секојдневно, се разбира по налог на Илинденска број 2 не плукаат дека сме странски платеници, предавници, наркомани….

И одеднаш во последно време лелек, чинам дека е дел од пи-арот на Груевски стиснат во менгемето на ПУЧОТ, кој за мене е ништо друго туку МУЧ, се разбира за замајавање на јавноста од мизеријата на начинот на кој владеат, а си кажуваат сами во бомбите што ги слушаме.

Пред една недела, демек жртва беше оној уредникот на Нетпрес, кој сите видовме, беше вербално нападнат од Стојанче. Не знам ,ја физичко насилство не видов, ама не го обвинувам ич што му реагираше на, како што му рече, „Дејане ние бе, бевме пријатели, ме знаеш, па како можеш да измислуваш дека со Заев и фундаменталисти спремаме крвава војна во Македонија“. Па нормално дека ќе реагира, а што очекува новинар ко него, кога ќе напише толку тешки зборови, а притоа без аргументи или докази дека е така.

Од онаа МАН на Латас очекував дури и тапшање по рамо на авторот на таков текст, ама експресна одбрана и ставање на ЗНМ на страната на Дејан само затоа што бил новинар, без да се размисли зошто се случило тоа, и што се пишувал и пишува тој новинар, да бидам искрен, и покрај мојата широкоградост, ме збуни. Па кај беше ЗНМ да го опоменат тој Дејан за негово добро, не за да не заштити нас и нашите семејства, од неговите блујаници, во кои ние бевме гејови, сопругите ороспии, крадачки на злато, и такви глупости. Да го опоменеше, реков, не заради нас, оти од таков калибар како него не не ни засега ниту пак сум помислил судски да се докажуваме дека не е така, туку заради него, да не забега толку и да им сместува на луѓе и тешки обвинувања, како тоа за некакви ГОТВАЧИ на крвава војна во Македнија.

Сега чекам и оној Нонковиќ од таборот на шоуменот Миленко, и него ЗНМ да го брани со соопштение оти, ете, вербално го нападнал активистот Сарачини што јавно му напишал дека е наркоман и пеел во Маракана нафиксан. Да, да, провладините дигнаа цела врева, те сакал да го убие, те го тепал со шипка, и овој нормално му гостуваше во ударните вести на професор др Латас. Реков ај да видам што било тоа, Нонковиќ туц-муц, шипка, ама не, сталак, ме нападна ама не физички, само ми се дереше…

И толку за тоа од тој де, како што Лаки го престави профи новинар по бриселски стандарди. Ама гостувањето имало чинам друга цел, онака по бриселски терк, новинарот да распали, да пресудува за тој нивниот Пуч, и пазете, ве молам, да ја има честа, каде ако не во вестите на професорот, да ОБЗНАНЕЛ „ексклузивка“. Колку што запамтив од тоа негово лупетање, му дојавиле дур во Брисел дека во Битола почнувала некоја група со иницијатива фондацијата Сорос да биде избркана од Македонија. Не можеше да скрие пустиот, туку си кажа дека ептен ќе се израдувал ако тоа се случи. Ќе секнеле демек пари за клетите новинари, претпоставувам на нас што ете не сакаме а не дека не можеме да се построиме во фалангата новинарска каде тие маршираат за да кешираат.

А бре Нонковиќ, ако ви пријдеме во вашите редови лошо ќе биде за вас, биди сигурен, Грујо ќе не пречека, тврдам, со широко отворени раце, ќе бидеме ние генерали а вие најмногу десетари на неговата медиумска војска. Немој да мислите дека каков и да е, дека Грујо не знае дека подобро би му било да го има, еве Борјан наместо Лаки, Кате наместо Ивона, Јадранка наместо Мирка, мене наместо шоуменот од канал 5,,Попетревски наместо Гоги пудра, и така редум. Ама што да прави, пробал Грујо, не дека не пробал, ама сфати  дека не секој може да го купи, оти едноставно, не му е професијата стока за продавање.

Е затоа, за мене ни Дејан ни Нонковиќ, се некакви жртви оти пишувале професионално, туку напротив, оти измислувале, по задача или не, сеедно, за да го оцрнат, и ако може да го дисквалификуваат „непријателот“. Јас таквите, си земам за право, да ги сметам за ЈАНИЧАРИ НАДНИЧАРИ.

Целата колумна може да ја прочитате ОВДЕ(Либертас)