ЗА НАС НЕМА НИШТО ЛЕСНО, НО И ОВА ЌЕ СЕ РЕШИ: На повидок нова блокада: Бугарија го условува датумот за преговори со ЕУ со македонскиот јазик и малцинство

0
237

МКД.мк објавува изјава на официјална Софија во врска со заклучоците на Советот на ЕУ, во која се условува одржувањето на меѓувладината конференција,а министерот Димитров изјавил за порталот дека вакви условувања се косат со европските вредности.

Македонија ќе мора да заборави на постоењето на македонското малцинство во Бугарија, ќе мора да заборави на „македонски јазик“ и да употребува само „службен јазик на РСМ“, ќе мора брзо да ја заврши работата со експертската Комисија за историските прашања… ако сака да продолжи со преговорите за интеграција со ЕУ. Ова, како што јавува МКД.мк, се делови од изјава на Бугарија во врска со усвојувањето на заклучоците на Советот на ЕУ за проширување.

Во разговор за МКД.мк, министерот за надворешни работи Никола Димитров вели дека „никогаш нема да прифатиме вметнување на антиевропски билатерални услови што навлегуваат во македонскиот идентитет во преговарачката рамка за пристапување кон европското семејство“.

Оваа изјава на Бугарија што ја објавува МКД.мк, станала дел од резимето на заклучокот за проширување на ЕУ и датумот за преговори за Македонија и Албанија. Со ова Бугарија го условува одржувањето на меѓувладината конференција за конечното дефинирање на преговарачкиот пакет за почеток на преговорите на Македонија и Албанија.

Бугарија во оваа изјава, како што се пренесува, повикува на доследно спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и укажува на „неговата важност во отворањето на патот кон европска и евроатлантска интеграција на втората страна“. Во изјавата во воведните напомени се потсетува дека спроведувањето на Договорот во голема мера е блокирано од ноември 2019 година, поради „едностраната одлука на Северна Македонија да го суспендира на неодредено време учеството во работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и едукативни прашања, формирана според чл. 8. 2. од Договорот“.

Кон крајот на март, лидерите на ЕУ ја потврдија одлуката за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Лидерот на СДСМ и доскорешен премиер Зоран Заев тогаш изјави дека одлуката за преговори со ЕУ е безусловна. За тоа што не е закажана меѓувладина конференција, Заев рече дека тоа е поради кризата со коронавирусот. Евроамбасадорот во Скопје Самуел Жбогар, пак рече дека очекува до јуни да биде подготвена предлог преговарачката рамка во која ќе биде вклучена новата методологија, по што ќе биде закажана и првата седница меѓу владите на Северна Македонија и на ЕУ.