Tuesday, April 22, 2025
28.8 C
Skopje

ЗА ДА ДОБИВА ЛИЦЕНЦИ, СОПСТВЕНИКОТ НА „ПУЛС“ СО ГОДИНИ КОРИСТЕЛ НЕЗАКОНСКИ ПРОЕКТ, СПОРЕД ИСТРАГАТА ПОДМИТИЛ И СЛУЖБЕНИК

Верижните пропусти и незаконитите дејства на одговорните и на службените лица довеле до смртоносниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, соопштувајќи детали за истрагата, која се води против 27 лица, рече дека сопственикот на дискотеката 11 години користел незаконски изработен проект за да добива лиценца.

Коцевски објасни дека трoјца осомничени се јавуваат како одговорни лица, сосопственици или управители во извесен период во фирмата, чија подружница е клубот. Обвинителот вели дека објектот со намена за лесна индустрија, кој се наоѓал во индустриска зона, воопшто не исполнувал услови да биде пренаменет во угостителски објект. Но, и покрај тоа, во континуитет во целиот период осомничените добивале лиценца незаконито и организирале угостителски услуги. Притоа сите знаеле и биле свесни дека клубот не ги исполнува законски пропишаните услови и начин за вршење угостителска дејност.

 

Во тој контекст, постои сомневање дека сопствникот подмитил лице вработено во Министерството за економија за периодот од февруари 2024 до февруари годинава и без да биде спроведена законски пропишаната постапка, обезбедил фалсификувана лиценца за вршење угостителска дејност. Поради тоа, против вработениот во Министерството е поведена постапка и за примање поткуп.

Осомничена е и сопственичка и управителка на фирма од Кочани, која во текот на 2010 година постапила по барање на сопственикот и му изготвила основен проект како услов за работа на кабарето иако знаела дека не постоеле законски услови индустрискиот објект да биде пренаменет во дискотека.

„Овој незаконит проект, сопственикот, во периодот од 2012 до 2023 година, во континуитет незаконито го користел во прилог на барање за добивање линценци за вршење угостителска дејност. Во 2023 година тој ѝ се обратил на осомничената за да изврши корекција на основниот проект, а таа, без да изврши проверки на самото место, незаконски извршила промена на правните лица во основниот проект и со тоа овозможила кабарето да поднесува барања за лиценца“, изјави Коцевски.

Од Министерството за економија до овој момент осомничени се поранешен министер, но и поранешен државен секретар, раководител на сектор, раководител на одделение и помлад соработник, кои и во моментот работат во Министерството, но на други раководни позиции. Според Обвинителството, сите тие со неизвршување на своите службени должности, што биле правно должни да ги извршат, не постапиле според прописите и техничките правила за мерките за заштита и на фирмата која не ги исполнувала пропишаните услови и начин за вршење угостителска дејност и во повеќе наврати со лиценци му овозможиле вршење угостителска дејност – кабаре.

Двајца поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат и три службени лица инспектори се сомничат дека во пет години не извршиле контрола над работењето на фирмата за да утврдат дали има важечка лиценца.

Осомничените тројца градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до кобниот ден кога се запали дискотеката, како и осомничениот поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, не ги извршиле своите правни обврски во согласност со Законот за заштитата и спасувањето, со што овозможиле кабарето „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење угостителска дејност. За целиот овој период Општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект.

Коцевски денес првпат обелодени дека и член на ДНК е осомничен поради пиротехниката, која, според сомнението, ја активирале како дел од сценскиот настап.

Беше кажано дека и дискотеката имала устен договор за концертот со бендот, објектот бил пренатрупан и никој не ги сопрел децата да влегуваат.

Сите осомничени се обезбедени. Кочанското Обвинителство, со оглед на тежината на кривичното дело што им се става на товар и сите други околности, бара притвор за сите осомничени, со исклучок на три лица, кои се хоспитализирани.

Извор : Макфакс

ОВАА НЕДЕЛА

ОБЈАВЕН КОНКУРС ЗА ИЗРАБОТКА НА ИДЕЈНО РЕШЕНИЕ ЗА ЛОГО НА СОБРАНИЕТО

Објавен е  Јавен конкурс за изработка на заштитен знак...

МИНИСТЕРСТВО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ: 2252 СООБРАЌАЈНИ ПРЕКРШОЦИ ВО ПРАЗНИЧНИОТ ВИКЕНД, 1018 ЗА БРЗО ВОЗЕЊЕ

Во текот на празничните денови (18-21.04.2025) продолжувајќи со континуираните...

МАНАСИЕВСКИ: ВЛАДАТА НА СДС ТВРДЕШЕ ДЕКА НЕМА ДА ИМА НОВИ БЛОКАДИ КОН ЕУ ЗА БИЛАТЕРАЛНИ ПРАШАЊА, СЕГА СЕ ДЕМАНТИРАНИ И ОД ЕУ

Прес-конференција на Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ. Почитувани, Димитар...

Најчитани

ПОПУЛАРНИ КАТЕГОРИИ