На 4 октомври ќе поминат шест години од правосилната пресуда за Груевски во предметот за набавката на владиниот луксузен мерцедес. Поранешниот премиер Никола Груевски нема да ја одлежи двегодишната затворска казна во предметот „Тенк“. На 4 октомври ќе поминат шест години од правосилната пресуда за Груевски во предметот за набавката на владиниот луксузен мерцедес, за кој поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска веќе ги одлежа пресудените 4 години затвор.
На 10 ноември, пак, ќе се навршат шест години откако Груевски избега од Македонија во Унгарија, каде доби политички азил. Според законот, „застареноста на извршувањето на казната настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршувањето на казната“.
Во казната на Груевски, делото застарува за три плус три години, објави „Призма“. Додека траеше судењето за „Тенк“, предмет на поранешното Специјално јавно обвинителство, Груевски се бранеше дека му се врши политичко-судски прогон.
Тврдеше дека против него се води неоснован предмет. Тој беше осуден за делото примање награда за противзаконито влијание. Во предметот „Тенк“, освен Јанкуловска и Груевски, беше осуден и Ѓоко Поповски од МВР на 4 ипол години затвор, за делото злоупотреба на службената положба и овластување, исто како и Јанкуловска. Поранешниот премиер, Зоран Заев, пак, најавуваше дека ќе го продадат „мерцедесот“ и со парите ќе купат амбулантни возила.
Но, автомобилот и натаму редовно се вози, а Владата особено го користи за превезување на високите гости од странство. На поранешниот премиер Груевски сепак му остануваат уште многу години затвор од неколку предмети на поранешното СЈО. За предметот „Плацови на Водно“ има правосулна пресуда од 9 години затвор и таа застарува во 2043 година. За предметот „Насилство пред Општина Центар“, пак, затворската казна од една и пол година му застарува во 2027 година.
По измените на Кривичниот законик му застареа предметите ТНТ, за уривањето на комплексот „Космос“ и „Траекторија“, за провизиите за изградба на автопатиштата. Со измените на КЗ застаре и обвинението „Феникс“, за проектите од „Скопје 2014“. Поранешниот премиер останува обвинет во предметите „Талир 1“, „Талир 2“ и „Титаник“.