Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, во Вашингтон учествуваше на Министерската конференција за унапредување на верските слободи, чиј домаќин беше државниот секретар на САД, Мајкл Помпео

0
900

РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

МИНИСТЕРСТВО ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ

Учество на ЗМНР Жерновски на Министерска конференција за унапредување на верските слободи и средба во Стејт департмент

Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, во Вашингтон учествуваше на Министерската конференција за унапредување на верските слободи, чиј домаќин беше државниот секретар на САД, Мајкл Помпео.

Целта на Министерската конференција беше да се стави фокус на конкретните резултати со кои се потврдуваат меѓународните обврски во полето на промовирање на верските слободи и со кои се создаваат вистински и позитивни промени. Покрај министри и заменици министри за надворешни работи од 80-тина земји, на Конференцијата учествуваа и претставници на меѓународни организации, верски лидери и претставници од граѓанското општество кои дискутираа за предизвиците и идентификувањето на конкретни начини за борба против верскиот прогон и дискриминацијата и обезбедувањето поголемо почитување на верските слободи за сите.

Конференцијата ја отвори потпретседателот на САД, Мајк Пенс, кој во своето обраќање истакна дека верските слободи се клучен приоритет во надворешната политика на САД и се во интерес на мирот и безбедноста во светот.

Во своето обраќање на панелот: „Посветени на акција“, ЗМНР Жерновски, меѓу другото, истакна дека „Република Македонија ја негува културната и верската разновидност како наследство и како предност.

Богатите различни културни и верски традиции содржат голем креативен потенцијал и се инструментални за нашето меѓусебно разбирање и почит“.

Посочи дека „Владата е целосно посветена на промовирање на еднакви можности за сите, без оглед на нивната религија, етничко потекло, раса или пол, како и на подобрување на дијалогот, толеранцијата и почитувањето, зачувувајќи ги слободата и достоинството на сите луѓе, без исклучок.

„Борбата против дискриминацијата е клучна за овој напор“, истакна  ЗМНР Жерновски, укажувајќи дека во постапка е донесување на нов закон за спречување и заштита од дискриминација, кој „меѓу другото, ги проширува основите за дискриминација, го менува и подобро ги дефинира терминот и дефиницијата на дискриминација.

Ова е еден од многуте чекори што ги преземаме за да се изгради „Едно општество за сите”, на кое верската слобода е клучен елемент “.

Во Стејт департментот, ЗМНР Жерновски оствари средба со Мајкл Марфи, заменик-помошник државен секретар на САД за безбедносни и политичко-воени работи.

Тема на разговор беа претстојните активности и предвидената динамика во процесот на пристапување на Република Македонија во НАТО.

Изразувајќи задоволство заради брзото започнување на преговори, Марфи подвлече дека Република Македонија може да смета на активната поддршка на САД во текот на овој процес.

Вашингтон, 26 јули 2018 година