ЗАЕДНИЧКА ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА НА КОВАЧЕВСКИ И МИНИСТЕРОТ ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ, ОЛИВЕР СПАСОВСКИ : СО РАЗВОЕН БУЏЕТ ЗА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ ОД 182, 7 МИЛИОНИ ЕВРА СОЗДАВАМЕ ЕФИКАСНА, ОДГОВОРНА И МОДЕРНА ПОЛИЦИЈА, ЧУВАР НА РЕДОТ И МИРОТ

0
494
Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на прес-конференција го презентираа Предлог-буџетот на МВР за 2023 година.

Премиерот најави дека со зголемувањето од 6% идната година буџетот на ова министерство ќе изнесува вкупно 182,7милиони евра, средства кои главно се насочени за модернизација, професионализација и подобри услови за работа на полицијата во интерес на граѓаните, мирот и стабилноста во државата.

Во продолжение е целото обраќање на премиерот:

„Темелот на нашиот безбедносен систем е добро подготвена и добро опремена полиција, и затоа Владата на Република Северна Македонија за 2023 година, буџетот на Министерството за внатрешни работи го зголемува за 6%. Предлог-буџетот на МВР за следната година е 182,7 милиони евра.

Како Влада создаваме ефикасна, одговорна и модерна полиција, чувар на редот и законот и чувар на демократијата, затоа и годинава што е пред нас, без разлика на предизвиците кои ги наметнува енергетската и економската криза, нема да запреме со редовна исплата на плати и бонуси на полицајците, со купување нова опрема, нови средства за работа, а ќе продолжат и инвестициите во реновирање и реконструкција на објектите каде работат полициските службеници и останатите служби на МВР.

Вработените во МВР, извршуваат многу одговорна функција, со својата посветеност во работата превземаат ризик и ние како Влада тоа го почитуваме, затоа во три наврати досега по 5% ги зголемивме платите на сите вработени во МВР, а покрај редовната исплата на плати, редовно се исплаќаат и предвидените додатоци. И во овој Предлог-буџет е планирана ставка за исплата на бонус плати за 2022 година, за остварени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво. Владата реши еден голем проблем кој што беше и на штета на буџетот и на штета полицајците. Со години наназад на полициските службеници, бонус платите не им се исплаќаа, за што тие со право поднесуваа тужби за остварување на своите права, а државата од буџетот плаќаше отштета. Затоа Владата предводена од СДСМ, ја смени таа несоодветна практика. Досега се исплатени заостанатите неисплатени бонус плати и редовно продолживме со исплаќање на истите за 2017, 2018, 2019, 2020 и 2021 година.

Владата се стреми и работи за што побрзо членство на Северна Македонија во ЕУ, затоа ни е обврска секој полицаец да се почувствува уште повеќе ценет во општеството, со подобри шанси за квалитетен живот, но и подобри и поквалитетни услови за работа, налик на европските стандарди. Затоа и во Предлог-буџетот на МВР за 2023, издвоени се средства за обуки и едукации на полицијата и стручни усовршувања во земјата и во странство, за уште подобри и поуспешни резултати во работењето.

Морам да истакнам дека особено е важно што МВР е отворена за нови сили на млади кадри кои секако ќе придонесат за понатамошен развој на професионалниот интегритет на полицијата. Затоа новите кандидати за полицајци, се трудиме уште на почетокот да ги направиме мотивирани, во Предлог-буџетот предвидени се средства за набавка на нови униформи за новите кадети за полициски службеници.
Средствата се планирани и за набавка на нов најсовремен систем за идентификација на траги од папиларни линии од прсти и дланки со кој ќе се надгради ефикасноста на Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења, дигитализација на форензика, надградба на безбедносни системи со кои превентивно ќе се делува на одржувањето на јавниот ред и мир во државата, како и заштита на животот и личната сигурност и имотот на граѓаните.

Сето тоа ќе влијае на намалување на криминалитетот, а зголемување на ефикасноста на истрагите за повеќе видови на сообраќајни прекршоци, но тоа ќе значи и модерна, опремена, стручна и ефикасна полиција.

Полицијата работи 24 часа 7 дена во неделата и од исклучителна важност е во какви услови ги вршат своите работни задачи. Затоа како Влада си зедовме обврска да обезбедиме достоинствени работни услови за припадниците на МВР. Досега реконструирани се 78 објекти, најголем дел енергетско ефикасни. Тоа беа дотраени објекти, бидејќи во претходниот период воопшто не се водело грижа во какви услови работи полицијата. Со реновирање и реконструкција на објектите, на полициските службеници им овозможивме достоинствени работни услови, а со тоа дополнително ги мотивиравме да обезбедуваат квалитетни и навремени услуги до граѓаните.

Со тоа раководството на МВР покажа дека може ефикасно да ги спроведува капиталните инвестиции кои што ги има секоја година во планот на МВР.

Со исто темпо ќе се продолжи и понатаму, веќе се отпочнати подготовките за реконструкција на Центарот за обука во Идризово, а продолжува и целосната реконструкција на Управните служби во зградата на Националната радиотелевизија.

Полициската работа бара посебен однос и внимание. Впечатокот што го добиваат граѓаните, за безбедност, сигурност, заштита на човековите права и слободи, го креираат преку работата на полицијата. Тоа е многу тежок товар за секој полициски службеник. Затоа како Влада должност ни е да вложуваме во континуирано системско реформирање на полицијата.

Предлог-буџетот на МВР за 2023 година е за продолжување на процеси и реформи за модерна полиција, бидејќи безбедносниот систем е еден од најкруцијалните фактори на државата, како идна членка на ЕУ и како членка на НАТО“.