Заев

0
755

Во написот „Ај сиктер бе, ефенди апаш!“ јасно кажав дека, oд искрен или наопаку наседен човек, не бидува лидер на политичка партија. Значи ли тоа дека само снаодлив, вешт, превртлив и дволичен (неискрен) човек може да дотурка до титулата – лидер? Значи ли дека таа логика драматично ги зближува лидерите Никола Груевски и Зоран Заев? Значи ли уште дека јас во ист кош ги фрлам сите лидери топтан, со сè Заев и Груевски? Значи ли, најпосле, дека сите, до еден се безнадежно исти, „од еден дол дренки“ (Гане Тодоровски)?

zaev ny

Од друга страна, граѓанска и слободоумна Македонија полага свои големи надежи во Заев. Таа Македонија препознава, во Заев, политичка фигура – чист и јасен антипод на друга фигура која, веќе, во континуитет од безмалу десет години, бездушно и вади душа. И вади душа на рати. Оти, така знае, па така и прави! Бавно, со памукче, и цица крв. Таа пак, што од страв (главната алатка на секоја диктатура!), што од попуста надаж дека „и ова ќе помине!“, надеж која знае да го заземе местото на вистината (илузијата и вистината живеат во секого!), му дава нова доверба на избори. Како да е под анестезија. Како да ужива, со сласт, во тоа да биде газена и понижувана. И во тоа има скриена вистина, со своја логика. Тој што гласа за тортури какви што, во континуитет, практикува режимот на Груевски, гласа, истовремено, за статусот на жртва („виктимизација“) на која и се нанесуваат неправади и зла. Таа кротка жртва го бара сега вашето сожалување („видете што ми прават!“). Вие ќе и го дадете затоа што сте – човек. Од тоа, за себеси, жртвата извлекува едно особено, иако темно задоволство. Тоа и помага да поднесува не само тортури, туку и повеќе од тоа. Другата, добра страна на тоа скриено, темно задоволство е тоа што помага како мелем. Тој мелем се нанесува врз болните, изудрени места од душата на питомата и кротка жртва.

Зошто, водачот на опозицијата, не може да се фрли во истиот кош со оние политичари кои се сè друго освен искрени, затоа што искреноста, како што кажав веќе, неретко носи неволји и главоболки па така, таа духовна црта, станува чист „зијан на ќарот“, барем во политиката? Не може од многу причини. За нив ќе се обидам, во груби црти, да кажам нешто. Се разбира, само за главните.

Првата е врзана за неговиот духовен склоп. Видливо е од неговите гестови, од неговите, веќе присни контакти со јавности, од непосредноста на тие контакти на кои спонтано им верувате („тој човек не лаже, се гледа, не знае да лаже!“), од докажаната смисла да презема ризик во име на другите (проектот „Вистината за Македонија“) и, најпосле, од неговото лице кое ви кажува сè што има, во тој момент, во неговата душа („не, не крие ништо, нема задни мисли!“), видливо е, од сето тоа, дека вие си имате работа со човек токму како вас; кој го прави тоа што го правите вие; на кого можете да се потпрете; кој нема да ве изневери и кој ќе ви се најде токму тогаш кога треба и толку колку што треба. Згора на тоа, тој човек не бара ништо како вратка за тоа што ви го дава. По некој свој вроден инстинкт знае дека „давањето“ е добивка и богатство за оној што знае да дава. Многу, многу поголема добивка од некои, таму, валкани кинески провизии, од плацеви на Водно или од баснословно скапите Мерцедеси кои се купуваат со туѓи, украдени пари, со пари на оние кои ги гази и понижува режимот на Груевски. Пример: тој се даде себеси за да пробие вистината за Македонија. Што доби? Ја доби цела, слободоумна и вистинољубива Македонија на своја страна. Има ли од тоа поголема, поубава и пораскошна добивка?

Втората причина е во скриениот, тешко видлив дух на политиката. Тој дух ни оддлаку не е безочно и безобразно лажење. Како што, во мигови на оловна грижа на совеста (понекогаш, во име на категоријата “корисно“, политиката е должна да го прави дури и тоа од кое му се гади на човек!), го потврдуваат и политичари од голем формат. Како, Винстон Черчил, на пример. Политиката која заборава (намерно или од незнаење, сеедно: резултатот е ист!) дека само тогаш е политика кога работи во зона затворена од строга морална рамка; која не ја крши никогаш таа рамка; која, напротив, ја зајакнува со секоја своја конкретна акција – таа политика неизбежно и кобно се лизга кон мрачната зона на Злото. Тогаш станува и самата Зло! Неретко, апсолутно Зло! Тоа ни го покажаа страшните искуства на минатиот, XX-век, преку хитлеријанските и сталинистички логори на смртта, кои голтнаа цели народи. Што заправо се случи? Се случи политиката да ги заборави основните начела на моралот. Тој заборав и помогна да се повика на езуитската формула „целта ги оправдува средствата“ која потекнува од духот на доктрината на првиот човек на езуитскиот ред Игнацио Лојола. Пак по инстинкт, Заев е со светлосни години далеку од таа смртоносна, крвожедна доктрина, од која црпе сили „преродбата“ на неговиот антипод Груевски. Таа ги скрши и згази сите морални рамки. Дури и оние кои не постојат! Така, политиката на Груевски се претвори во чудовишно Зло. Toa Зло ја претвори Македонија во “мрачен молк“ во кој, меѓутоа, сепак татне веќе гласот на подземниот бес „О браќа, знајте, не само од подлост/ жабурлива јас страдам, што ја газам/ а тајна чува мојот мрачен молк./ (Конески: „Григор Прличев“).

Третата, но не и помала по важност од другите две причини се врзува за контекстот. Тој контекст, на свој начин, помогна да ја најде потулениот, матен крик на еден цел народ, својата персонализација во појавата на Заев. Како дојде до тоа? Зошто дојде до – тоа? Не треба да се заборави дека контекстот, од своите скришни длабочини, знае да ги изнедри оние од кои има насушна потреба, да тргне по нив, кои ќе ги изрази, во кои ќе види некоја топла животворна ведрина, замена за мракот, стравот и тапата напнатост во кои живее. Зборувам ли тука за модерна верзија на „социјалната порачка“, за која толку многу зборуваа некои луѓе на социјал-демократијата од времето на пред болшевизмот? Можеби. Иако таа славна формула е изразито детерминистичка, иако, во видлива мера, ја потиснува улогата на личноста со нејзината посебност и автономија, за да и даде примат на средината и заедницата (нив ги викам контекст), бездруго има и во таа „социјална порачка“ зрно вистина. Тоа зрно, во конкретни околности (како нашиве, на пример) е вистински бисер. Како што на Заев му успеа да најде пат до срцето на сите слободољубиви и вистинољубиви луѓе, така тие луѓе успеаја да го најдат патот до Заев како слободољубив и вистинољубив човек. Сега, главното е како да се спаси тој пат од тешки одрони и слечиште кои, секако, го демнат. Кои му се закануваат и кои сакаат да го затворат. Никогаш не се знае кога ќе се струполат тие одрони. Кога ќе проработат опасните слечишта.
Важно е и нешто друго. Тоа зависи само од Заев.

Важно е тој внимателно да ја одбере својата екипа најблиски соработници. Иако веќе ја одбрал. Важно е да се опкружи со образовани, толерантни и искрени луѓе. Такви кои, во животот, веќе го направиле тоа што треба да се направи и, за кои, политиката не е единствениот занает со кој си вадат леб. Занает кој ги тера да трчаат по привилегии и погодности, по приципот “сега му е мајката!“ Тогаш тие ги забораваат своите должности. Тие должности од нив бараат да работат, во прв ред, за други: да работа за очекувањата на тие кои им даваат власт. Ако, по некој случај, тој го заборави тоа. Ако, поради некои мотиви кои, во даден момент, ќе му се сторат пресудни, подзамижи кога, некои од неговите, кршат строга морална рамка (и) на неговата политика, треба бездруго да знае: токму во тој момент тој ќе стави сè на коцка. Сè што направил со толку труд, упорност и саможртва.

Да се надеваме дека, до тоа, сепак нема да дојде. Да се надеваме дека и самиот е длабоко свесен за тоа. Да се надеваме дека досегашното искуство, кое не е мало и кое заслужува длабока почит, нема да му го дозволи тоа.

Атанас Вангелов