ЗАЕВ : ЧЕСТ МИ БЕШЕ ШТО АНЃУШЕВ БЕШЕ МОЈ СОРАБОТНИКВО ВЛАДАТА, ЈА ИМА МОЈАТА ПОДДРШКА ЗА ДОКАЖУВАЊЕ НЕОСНОВАНОСТ НА СОМНЕЖИТЕ КОН НЕГО ОД САД

0
301

Во своето писмено соопштение поранешниот премиер Зоран Заев вели дека САД се стратешки пријател и партнер на Северна Македонија.

САД се стратешки пријател и партнер на Северна Македонија. Сметам дека јас лично, а и како поранешен Претседател на Владата сум исто така пријател на САД. Тоа сум го потврдил низ конкретни примери во текот на моето работење. Тоа јавно го имаат и потврдено највисоки претставници на САД.

Без да ја коментирам и да навлегувам во детали за оправданоста на одлуката на Стејт Департментот за забрана за влез во САД на поранешниот Вицепремиер Кочо Анѓушев, само ќе напоменам, како и порано кога сум бил Премиер така и сега , стојам на располагање за сите потребни одговори и разјаснувања на определени теми од интерес на нашите стратешки пријатели и партнери во врска со било која општествено – економска и политичка тема во земјава вклучително и основот за сомневањата кон Анѓушев.

Јавно сакам да го споделам мојот став кој веќе и е познат на јавноста а тоа е дека Кочо Анѓушев и неговиот тим беа едни од најпосветените и најспособни луѓе и кабинет во Владата во периодот додека бев јас премиер. Голем дел од економските успеси на Владата беа директна заслуга на Анѓушев. Северна Македонија ретко кога имала вака висок функционер кој е и професор но пред се и успешен деловен човек со огромно практично искуство во економската проблематика и предизвиците на државата во економијата. Како премиер, ми беше чест што имав таков соработник кому економијата и државата му беа секогаш на прво место. Знаеше да каже и покаже дека неговите фирми и капитал вредат онолку колку што ни вреди државата и дека само со успех на државата може да имаме сите надеж дека ќе успееме во сопствените приватните деловни планови.

Сите шпекулации што ги слушам деновиве дури и од одредена јавна институција ги сметам за неосновани затоа што Владата и стручните служби своевремено им имаат обезбедено и испратено навремен, соодветен и основан одговор.Анѓушев е мој пријател и соработник кој исклучително го почитувам. Јас го замолив мај 2017 година да прифати, да одработи одреден период за македонскиот народ и државата. Тоа го правеше чесно , одговорно и посветено. Денеска, ја има мојата подршка во докажување на неоснованоста за сомневањата кон него изразени од нашите пријатели Соединетите Американски Држави.