Заев: Чекаме согласност за вакцините на „Фајзер“ да стигнат од Србија

0
140

Премиерот Зоран Заев соопшти дека денеска контактирал со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, и упатил и втора молба до „Фајзер“ Њујорк за согласност да се извезат од Србија вакцините кои ни се дадени, а и Владата, рече, ургира преку Министерството за здравство и верува дека ќе биде одобрено.

Вакцините што ни ги отстапува Србија би требало да стигнат најбрзо и пред другите (од трите механизми) и, според Заев, тие ќе бидат доволни за здравствените работници кои работат во ковид-центрите.

-Тоа се 7.850, колку што ги наградивме во декември. Верувам дека колку и да се значајни клаузулите во договорите на „Фајзер“ со Србија и на „Фајзер“ со сите други земји, може во предвечерието на добивање на нашите вакцини да ни дадат согласност час поскоро да стигнат вакцините од Србија – изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања во Стајковци, на настан по повод изградба на училишна спортска сала.

Во средината или втората половина на февруари, посочи премиерот, се очекуваат да стигнат и првите дози од вакцините за кои склучивме договор директно со производителот „Фајзер“.

До крајот на неделата се очекува, како што рече, прецизен и директен одговор кога се очекуваат вакцините од КОВАКС-механизмот на Светската здравствена организација, а исто така се очекува и известување од Европската комисија за распределбата на одредени количини вакцини од земјите на ЕУ, т.е. од третиот, солидарен механизам.