Заев со допис до АВМУ: Да се измени текстот за Методологијата, го кршите законот!

0
449

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев испрати Барање до Агенција за аудио и аудиовизулени медиумски услуги за измена на Нацрт-текстот на Методологија за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за предвремените парламентарни избори во Македонија.

Во дописот Заев укажува дека неколку одредби од Методологијата се спротивни на договорот од 19.07.2016 година и на измените на Изборниот законик:

СДСМ веќе укажа на неправилности и нелогичности во неа што мора да се корегираат, за да ја исполни својата цел – соодветен мониторинг на програмите на радио дифузерите во период од 100 дена пред денот на одржување на изборите.

Одредбата за утврдување баланс во известувањето, според договорот меѓу 4-те партии за измени на Изборниот законик почнува да важи 100 дена пред денот на одржување на изборите и тоа треба соодветно да се имплементира секаде во Методологијата, без да се раздвојуваат периодите од страна на Агенцијата. Секое такво постапување е спротивно на законот.

Неприфатлива е примена на францускиот модел за постигнување политички плурализам надвор од изборни периоди и негово прилагодување на практиката и регулативата во Македонија за изборни периоди.

Наместо примена на францускиот модел, времето во вестите издвоено за политичките партии од парламентарната опозиција треба да е еднакво со времето издвоено за политичките партии коишто ја сочинуваат власта во Парламентот.

Од времето врз основа на кое ќе се извлекуваат оценките за балансот, се иззема времето за прилозите за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, државните институции и организации, правни и други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања, во програмите на радио дифузерите и на Програмскиот сервис за емитување на активностите на Собранието на РМ, коишто не смеат да бидат во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект.

Исто така, во Методологијата е наведено дека примерокот врз основа на којшто ќе се извлекуваат оценки за балансот во известувањето е поставен на 10 дена. Бараме тој период да се скрати на 7 дена, бидејќи тој е природен период за извлекување на оценка (една седмица). Оценките за балансирано претставување од страна на радио дифузерите односно Јавниот сервис и трговските радио дифузни друштва, Привремената комисија ги дава за 7 дена.

Бараме најавите и меѓу најавите на определен прилог да се сметаат како составен дел од прилогот, а не да бидат изоставени бидејки искуството покажа дека честопати некои радио дифузери ги злоупотребуваат за политичко пропагирање.

Бараме, секое прекршување на Изборниот законик да се санкционира, а не како што е предвидено во Методологијата санкција да се изрекува ако за 10 дена се направат минимум десет прекршоци. Нема мало или големо прекршување на Законот. Не случајно Законикот предвидел Опомена за прво прекршување, а кај следните задолжително барање за поведување прекршочна постапка.

Многу е индикативно дека овие спорни одредби не беа во Методологијата што Агенцијата ги носеше за изборите предвидени во април и во јуни месец.

Наместо да се амнестираат прекршителите неопходно е да се обезбеди правна основа за соодветна санкција за секој којшто не го почитува законот.

Дописот од претседателот Заев до Агенција за аудио и аудиовизулени медиумски услуги е испратен до тројцата други потписници на договорот и до амбасадите во Р.Македонија.