Заев: Режим никогаш повторно!

0
372

Не смееме да дозволиме да се заборави режимот на ВМРО-ДПМНЕ. Газеа врз човековото достоинство. Тоа беше пред само две и пол години, а денес никој не сака да се повтори режим. Затоа, постојано да потсетуваме на злоделата на ВМРО-ДПМНЕ, како наше второ правило, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев во денешното обраќање на големата граѓанска трибина „На прав пат“ во Скопје.

Претседателот потсети на криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 11 години и неизвесната иднина на граѓаните.

-Кога беа на власт, никој не знаеше каква е нашата иднина. Не знаеја ниту тие. Ниту беа загрижени за тоа. Се грижеа само за нивните криминални операции, за прислушување, за лично богатење, рече Заев.

Тој спореди неколку факти за владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Еве, ајде да споредиме: Ние ја вративме нашата земја повторно на мапата на светот. Ни оддадоа признание дека Северна Македонија е блескав пример. Ние сме шампиони во енергетските реформи. А тие – Најбогата партија во Европа! Шампиони по заробување на државата! Ние собираме признанија за државата, остваруваме стратешки цели, повисоки плати, пад на невработеност, а тие имотни листови од парцели и деловни простории.

И пак се во долгови и во банкрот!  Па два бардаци вода да им дадеш да ги чуваат, двата ќе ги украдат и ќе избегаат во Будимпешта. Ние штедиме пари за да вратиме назад кај граѓаните, а тие потрошија 26 милиони евра народни пари на медиуми за да купуваат вистина. Вистина не се купува, вистината се живее. Порано во земјава се шепотеше, денес и медиумите и граѓаните зборуваат гласно. Слободата е наша, ваша, твоја, на сите! Си ја вративме слободата!, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев на големата граѓанска трибина На прав пат денеска во Скопје.