ЗАЕВ : ПРОБЛЕМОТ СО БУГАРИЈА Е СМЕШЕН И НЕПОСТОЕЧКИ

0
170

Мислам дека ќе најдеме решение со Бугарија, ни треба помош од Грција, која сега веќе е наш стратешки партнер. Грција е многу гласна на Европскиот совет преку премиерот Мицотакис, преку министерот Дендиас, тие се многу фокусирани и лидери на процесот за интеграција на Западен Балкан во Европската Унија, истакна претседателот на Владата на Македонија Зоран Заев за време на неговото учество на шестиот Делфи економски форум во Атина, јави дописничката на МИА од Атина.

Во дијалог со уредникот на „Катимерини“ Атанасиос Елис, премиерот Заев говореше за Договорот од Преспа, за соработката со Грција, за односите со актуелниот грчки премиер, откри дека Мицотакис барал начини да ѝ помогне на Македонија во справувањето со пандемијата, говореше за врските со лидерот на СИРИЗА и поранешниот грчки премиер, за нашето членство во НАТО, но и за бугарската блокада на нашиот пат кон Унијата.

Изрази оптимизам за разговорите со Софија, објасни дека процесот е малку забавен поради изборите во Бугарија, но и истакна дека станува збор за смешен проблем, кој дури не може ни да го објасни.

-Ние продолжуваме да разговараме со нив, ние сме пријатели со сите. Бугарија го измисли ова прашање. Дури, не ни можам да ви објаснам што е проблемот сега, бидејќи е смешен проблем, непостоечки проблем. Ни треба да најдеме решение бидејќи тоа е добивка и за Бугарите и за Македонците од Македонија и само придобивки би донело на сите, истакна премиерот.