Заев: На граѓаните на Северна Македонија не им е доволен извештајот, тие чекаат Европа да ја исполни својата задача

0
331

На двегодишнината од формирањето на Владата, премиерот Зоран Заев посочи на резултатите што се постигнати во изминатиот период посочувајќи дека суштинските промени се забележани и во Извештајот на ЕК за напредокот на Северна Македонија. Заев нагласи дека сега граѓаните на Северна Македонија и Владата чекаат јасен потег од Европската унија и датум за почеток на преговори.

Задачите што ги исполни Владата, рече премиерот, донесоа суштински промени: ослободување на државата од заробеност, процес на деинсталација на режим и интеграција на земјата како пример кој блеска на Балканот.

– Барем така велат европјаните во најновиот Извештај за напредокот на нашата земја, но Извештајот не е доволен за граѓаните на Северна Македонија. Време е Европа да ја исполни својата задача пред своите европјани. Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите други кои живеат во Северна Македонија се Европјани. Европјаните од Северна Македонија и Владата на Северна Македонија чекаат јасен потег од Европската унија, потенцираше Заев.

Граѓаните, како што кажа, ги прифатија политиките кои ни обезбедија да бидеме капетани на нашиот брод и како капетани на тој брод да го насочиме кон мирните води и сигурните пристаништа – во нашиот случај Европската унија и НАТО. За неполни две години, потсети Заев, ги решивме сите отворени прашања со нашите соседи го решивме спорот со Грција, а претходно и со Бугарија.

– Наша должност беше да го зачуваме македонскиот идентитет. Го зачувавме, го потврдивме и го зајакнавме, дециден е премиерот.

Во своето обраќање премиерот наброја низа мерки и резултати што се постигнати во сите области и за она што би требало да се очекува. Заев исто така кажа дека уште по неговиот избор побарал поддршка и соработка со опозицијата, која, како што рече, кога беше на власт ја уназадила земјата.

– Го повторуваме барањето постојано зошто сметам дека Северна Македонија треба да ја градиме и понатаму со консензус од мнозинството од граѓаните. Опозицијата треба да го препознае тоа, да го даде својот придонес и да се вгради во остварувањето на интересите на Република Северна Македонија во интерес на сите граѓани, рече Заев.

На форумот организиран по повод двегодишнината од Владата, што се уште е во тек, се обратија и вицепремиерите Радмила Шекеринска, Бујар Османи, Оливер Спасовски и Кочо Анѓушев. Учествуваат и универзитетски професори, академици, бизнисмени и граѓански активисти.