ЗАЕВ ЗА „ФОКУС“: НЕ СУМ СЕ ДОГОВАРАЛ СО МИЈАЛКОВ, СИ ГО РИЗИКУВАВ ЖИВОТОТ ДА ГО ОБЕЛОДЕНАМ ПРИСЛУШКУВАЊЕТО!

0
912

Животот на моите деца, семејството и пријателите беше под прашање, но и покрај тоа, во име на заштита на човековите права, во име на вистината, демократијата и слободата, и за никогаш да не се повтори, јавно беа, лично од мене, споделени доказите за незаконското прислушување, вели поранешниот премиер Зоран Заев. По одлуката на Апелација да ја укине првостепената пресуда за „Таргет и Тврдина“, повторно се појавија шпекулации дека на овој начин се реализира пакетот што наводно му бил ветен на Сашо Мијалков, за неговото наводно „залагање“ осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да се одметнат и да гласаат за уставните измени што го аминуваа Преспанскиот договор. Во таа насока, на социјалните мрежи се цитираше постара изјава на поранешниот премиер Зоран Заев, од јануари 2019 година, кога и јавно потврди дека Мијалков разговарал со пратениците.

-Сашо Мијалков зборуваше со пратеници поради тоа што верува во тоа решение. Тоа го кажуваше на сите, јавно се зборува во Скопје, насекаде, дека тој зборувал со пратениците. Седел со нив, ги охрабрувал, лично верувал – изјави тогаш Заев. Затоа го прашавме поранешниот премиер Заев за коментар за обвинувањата дека укинатата пресуда е дел од некаков пакет ветен на Мијалков како противуслуга за обезбедувањето на осумтемина пратеници. Тој вели дека е срамота што има вакви шпекулации. -Тоа може да го зборуваат само луѓе што се занимаваат со шпекулации и лаги. Секогаш сум бил транспарентен за сѐ додека бев во политиката. Пратениците гласаа по сопствено убедување и нивните изјави беа насекаде низ медиумите – ни изјави Заев. Тој додава дека веднаш испратил отворена и сериозна реакција кога ја слушнал одлуката на Апелација.

-И уште еднаш ќе напоменам дека ниту јас, ниту кој било нема да има право да договара работи со кои се кршат законите и се заобиколува одговорност. Животот го ризикував за да го обелоденам незаконското прислушување. Животот на моите деца, семејството и пријателите беше под прашање, но и покрај тоа во име на заштита на човековите права, во име на вистината, демократијата и слободата во Македонија, и за никогаш да не се повтори, јавно беа, лично од мене, споделени доказите за незаконското прислушување на повеќе од 20.000 граѓани. Повеќе од милион разговори предадов на СЈО – поучува поранешниот премиер. Тој истакнува дека денес со пресуди биле завршени најголем дел од предметите на поранешното СЈО. -Најважниот предмет, или меѓу најважните, е тој со незаконското прислушување. И ако не се испорача казна, тогаш останува ризикот и други луѓе во иднина да го прават истото злосторство како што тоа го направиле Груевски и Мијалков. Затоа казна мора да има за секое незаконско дело, соодветна опишана во законот – заклучува Заев.