Заев за „Дело“: Верувам дека Словенија за време на претседавањето со ЕУ ќе му даде нов значаен импулс на процесот за проширување на Унијата

0
247

„Ако некој заслужил да добие поддршка на следниот чекор на патот кон ЕУ, тоа е Северна Македонија и важно е што Словенија, заедно со земјите од Вишеград потврдуваат дека сѐ уште има европско во Европската Унија и тоа е нашата водилка и мотивација и за реформите за да си ја европеизираме државата“, истакнува претседателот на Владата Зоран Заев во интервјуто за електронското издание на „Дело“.

Заев додава дека верува дека како земја членка на ЕУ, која недвосмислено ја реафирмираше својата определба за проширување со земјите од Западен Балкан, Словенија ќе направи сѐ што треба ЕУ да не ги изгуби европските вредности и принципи и ќе продолжи да ја испраќа кон земјите кандидати пораката за поддршка за членство.

„Точно е дека со неодобрувањето на преговарачката рамка Северна Македонија губи драгоцено време, но сметам дека единствената исправна европска реакција е да се засилат барањата за да се почитуваат европските вредности и мислам дека Словенија ќе го заземе овој став за време на претседавањето со ЕУ и дека тоа ќе биде од огромен придонес за нов импулс во процесот за проширување на Унијата“, вели Заев за словенечко „Дело“.

Премиерот Заев во интервјуто вели дека Северна Македонија е со поглед кон иднината и како пријателска земја така гледа и кон сите свои соседи.

„Во таа насока, недвосмислени се нашите очекувања, а и очекувањата на целиот Западен Балкан, дека за време на словенечкото претседателство, треба да има видлив исчекор за нашата земја и за регионот кон ЕУ“, потенцира претседателот на Владата Заев во интервјуто за електронското издание на „Дело“.