Заев : Го информирав Мицковски за набавка на 350.000 вакцини до крајот на април, нема да ми падне капата ако направам компромис со опозицијата, ако секој остане да се инати ништо нема да направиме а народот ќе си пати

0
385

Премиерот Зоран Заев потврди дека со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски разговарале за пописот, имунизацијата, одблокирање на Собрaнието, Изборниот законик и за локалните избори и дека се договориле за тие теми. Тој напомена дека за време на паузата од средбата, се консултирал со претседателите на државата и на Собранието, со министерот за правда и со владините партнери Али Ахмети и со Билал Касами по што паднал договор за сите теми.

– Се согласивме и дека имаме стабилно и сигурно мнозинство и дека одговорноста е и на власта и на опозицијата, секако повеќе на власта. Мене ми е драго дека Мицкоски покажа доблест за одблокирање на Собранието, како што ние имавме доблест да го одложиме пописот. Предложивме од 1 мај да почне пописот, па од 15 мај, тврдењата беа дека треба и втора доза од вакцината и го прифативме барањето на ВМРО-ДПМНЕ – изјави премиерот Зоран Заев по тет-а-тет средбата со Мицкоски.

Тој рече дека постигнале договор заради имунизција на населението и на попишувачите да го одложат пописот од 5 до 30 септември и локалните избори за во втората половина на октомври.

– Информирав за набавка на 350.000 вакцини до крајот на април, го прифативме предлогот на Мицкоски за сите да повикаме на попишување на граѓаните и за пописот да има консензус. Кампањата за локалните избори ќе почне по 30 септември и во втора половина од октомври да биде првиот круг од локалните избори. Одблокирањето на Собранието е многу важно заради петиот пакет мерки, за Клиничкиот центар, законите за АВМУ и МРТ, законот за двржавјанство, шесте закони за пензионирање со 64 години и подршка за сите закони кои се од европската агенда и подршка во време на пандемијата – изјави Заев.

Тој рече дека уште утре ќе влезе Изборниот законик во делот за отисок од прст во Собранието, како и да продолжат разговорите за претстојните локални избори за отворени листи, за избор на градоначалник во прв круг и за парламентарните избори за една изборна единица и дијаспората да може да гласа на други гласачки места освен во декапеата. Заев додаде дека сето тоа е координирано со најголемите коалициски партнери во Владата и дека испратиле порака дека ова не е договор само на најголемите партии.

– Верувам дека во среда ќе разговараме за државјанствата со Алтернатива и со Алијансата за Албанците се со цел власта да покаже доблест за разумните барања на опозицијата – рече Заев.