Заев: Бомбата ќе се објави по понеделник, не можат сите да нè уапсат

0
572

Во интервју за БИРН, лидерот на опозицијата Зоран Заев најавува дека бомбата ќе се објавува од понеделник, говори за причините за повеќемесечното тактизирање, за контактите со Груевски, но и за изворите на чувствителните материјали, за кои вели дека се од македонските тајни служби.

zaev1-540x405

„Штом ќе бидат донесени одлуките, раководството на партијата очекува и неколку други партии од опозицискиот блок да донесат одлуки. Тоа би било викендов. Реално, почетокот на наредната недела е периодот кога ќе почнат да се споделуваат доказите – вели Заев.

Тој вели дека е подготвен на сè и дека не би бил изненаден да го уапсат при првиот обид да ги обелодени информациите. Но и тогаш, како што тврди, објавувањето на доказите нема да запре, бидејќи СДСМ веќе има одредено кој од партијата понатаму би ги соопштувал доказите.

„Очекувам сè, секако и во делот на можно апсење кога ќе соопштувам докази, ама подготвени сме кој ќе настапи втор. Ако и него го уапсат, знаеме трет кој настапува. Не можат да ја уапсат цела опозиција. И секако, имаме подготвено сценарио како овие работи да допрат до јавноста, дури и по цена да апсат“, вели тој.

Заев вели дека главната причина зошто поминаа месеци без ништо да се објави била да се заштитат луѓето кои ги давале информациите.

„Една од причините зошто толку се тактизираше е безбедноста на луѓето кои се охрабриле и одважиле повеќе да не го трпат тоа што се случува во Македонија и направиле храбар чекор“, вели Заев.

„Ми тежи што невини луѓе се во притвор. Ме боли, ме кине. Но, тоа истовремено ми дава дополнителна сила за уште посериозен, повнимателен и порешителен пристап. На крајот на денот, тој што тоа го правел тоа треба да се чувствува виновен и да е загрижен. Јас сум овде поштарот. Луѓето најверојатно ќе ги предале овие материјали во Јавното обвинителство ако верувале во него“, вели тој.

Тој не сака да открие за колку лица станува збор, ниту пак, што точно содржат материјалите што ги поседуваат. Тврди дека лицата што му ги дале информациите работат во македонските тајни служби, што го прави целиот случај многу почувствителен.

Нему му е тешко да го предвиди епилогот од она што допрво ќе следува, бидејќи, како што вели, не верува во институциите на системот.

„Од системот не очекуваме правна разрешница, бидејќи се обидовме неколку пати, со Македонска банка, Актор, становите на власта итн. Некои пријави веднаш беа отфрлени, а за некои воопшто немаме одговор“, вели Заев.

Она што најмногу го загрижува при објавувањето на доказите што ги поседува е што ќе се случи понатаму со лицата што им ги дале информациите, за кои Заев е дециден дека не потекнуваат од странски служби.

„Мене и на секој од раководството на партијата може сешто да ни се случи. Но, не можете да спиете ако знаете дека некој човек може да изгуби живот или слобода, само затоа што се охрабрил да помогне. Затоа сакам да испратам порака – се надевам дека ништо нема да им фали на тие луѓе. Тоа не би можел да си го простам, ако настрадаат луѓе само затоа што споделиле некое зло што се случува во нивната и нашата татковина.“

„Дали сега тие луѓе се безбедни?“, прашуваме, а тој кратко одговара: „Mислам дека тој процес го заокруживме. Тоа беше најважно“.

За обвинувањата на премиерот Никола Груевски дека лидерот на опозицијата го уценувал со компромитирачки нелегално снимани материјали, Заев е дециден дека не соработувал со странски служби и вели дека Груевски прв ја потегнал дебатата за „бомбата“ на нивните четири средби, а не обратно.

„Ако ги видите термините на тие разговори со премиерот, ќе видите дека јас и претходно јавно сум повторувал дека никој нема право да ја скрие вистината од граѓаните и дека таа ќе биде обелоденета. Сите средби со премиерот беа единствено во врска со петте барања на опозицијата. Размислуваа една недела, тоа беше по третата средба, за на крај да кажат – не, вие во јавноста кажувате дека имате некои докази, ако не ги дадете доказите, нема преговори“.

„Јас им реков“, вели Заев, „нема шанси да ви ги доставам доказите, затоа што на тој начин ќе се спречи јавноста да биде информирана“.

(…)

– На прашањето на премиерот, добро, те гледам по медиумите, викаш дека имаш докази, од каде ти се?, јас му велам ‘не е важно’, а тој ми вели ‘не, мора да ми кажеш од каде ти се‘.‘Во ред‘, реков, ‘од странски служби‘. Не можам да му кажам од тие и тие луѓе ми се снимките, затоа што тоа се луѓе вработени во јавни институции, под контрола на власта и се работи за сензитивна материја која е чувствителна за безбедноста на тие луѓе и на нивните семејства – вели Заев.

[youtube height=”500″ width=”600″]https://www.youtube.com/watch?v=lQV_596Nv2s[/youtube]