Забрчанец : Сите изведувачи знаеjа дека ќе настапат на прослава по повод поканата на НАТО

0
894

Македонија и граѓаните со право, гордо и чесно ќе го прослават историскиот успех, поканата за членство во НАТО и датумот за преговори за членство во ЕУ.
Да, ова се историски успеси, ова се победи за демократијата во Македонија и заслужуваат прослава, како никогаш до сега. Кога, ако не сега?

Ова не се настани како тие на ВМРО-ДПМНЕ кога единствената намера беше да се мобилизира партиска поддршка и да се манипулира со граѓаните. Не, ова е прослава заради исклучително важен момент кој со децении го чекаат денешните генерации. Ова е прослава, еднаш во 10 години, која го слави достоинството и успехот на нашата земја. Ова не е предизборен концерт.

Секој обид, оваа голема (за Македонија победничка) прослава да се споредува со партиско-политичките памфлети на Никола Груевски е фактографска грешка и оди на иста линија со противниците на членството на Македонија во НАТО и ЕУ.

На административно ниво, извонредно чиста ситуација. Сите изведувачи (или лицата задолжени од нив за да ги застапуваат) имаат потпишано договори со Владата на Република Македонија во кои на најексплицитен начин стои дека нивниот професионален ангажман е за музички настан по повод поканата за Македонија за членство во НАТО кој го носи насловот “Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ”. Сте чуле ли за некој друг сличен настан, постои ли минимум можност професионалец да не знае на што настапува?

Владата веќе информираше дека ќе ги објави сите трошоци. Тоа го правиме веќе една година и повторно ќе го направиме. Пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ зборува за суми од милиони евра. Ха. Очигледно се навикнати на расипништво, па само во милиони евра знаат да пресметуваат.

Оваа прослава не е луксуз, оваа прослава ја јакне домашната сцена, го дисперзира македонскиот звук и ги носи домашните изведувачи кај своите публики. Распоредот е исклучително квалитетен, 45 домашни изведувачи во ист ден во 15 градови, за национална кауза која вреди!

Противниците на членството на Македонија во НАТО и ЕУ очигледно сеат омраза во јавноста, но и врз музичарите, и се обидуваат да влијаат негативно врз успехот на земјата.

Но, џабе им е.
Завршија стравовите. Ќе завршат и манипулациите.

Граѓаните слободно ќе прослават, ова е вистински момент за тоа. Македонија има право да се израдува, вреди!

Фејсбук статус на Марјан Забрчанец