Жал, чемер и јад

0
1004

Пишува: Жарко Стеваноски

ВМРО-ДПМНЕ „прогласи“ неколкудневна жалост поради губењето на позициите на криминалните бизнис-ориентид министри, инкриминираните политик-ориентид бизнисмени, губењето на штабот на Гоца лоциран во МВРО-ВМРО и одземените слушалки од Петтата управа. Жалат поради одземените кожни тефтерчиња со судии и обвинители, поради идните притвори на нивните функционери и децениските затворски казни, поради губењето на удобноста и финансиската сигурност, поради крајот на партиските вработувања. Срце ги боли за иднината на Двојче и останатите нивни „чесни“ градоначалници и локални функционери. Стравот од тежината на тркалото со кое низ годините газеа по народот, им ги парализирал слободната мисла и логичкото расудување.

Од тие причини деновиве се организираат „свечени“ поворки проследени со жалопојки по градовите. „Членството“ (читај: 15. сигурни гласови за еден вработен) се повикува на мобилизација за наводен спас на Македонија (читај: спас на сопствената кожичка). Глумци и пејачи читаат патриотски говори небаре „временската машина“ ги вратила во времето на Илинденците, а аналитичари, експерти и професори (читај: кокичиња) пишуваат статуси со извртени закони и тези.

Квазиинтелектуалци и треторазредни политичари упатуваат закани по живот, повикуваат на крвопролевање, ја мотивираат масата на жестокост во искажувањето отпор против нормалните животни текови. Се испишуваат вулгарни и заканувачки графити по улици и влезови на неистомисленици, свештени лица ја предводат толпата и „во име“ на Бога ветуваат прошка за нивните гревови, со помешани тео-патриотски псалми си ги штитат златните олтари, скромните GMC Мерцедеси и останатите нечесни, но од нив благословени финансиски извори.

Ние, останатите, најдобро е да гледаме и да учиме, за да во иднина ни стане јасно што може да стори 200 илјадна уценета и партизирана администрација. Тоа ќе ни ги отвори очите и ќе ни ги разбуди свеста и совеста да не дозволиме да станеме оружје во рацете на нашите политички лидери, туку да прераснеме во објективни критичари и коректори на нивните (не)разумни одлуки.

Оти само така, дишејќи им во врат на политичарите, граѓаните на индиректен начин ќе ја креираат и својата, и иднината на генерациите кои доаѓаат. Така треба и така мора да биде.