ЕФХАРИСТО ЕЛАДА : Грчкиот Парламент го ратификуваше Протоколот за членство на Македонија во НАТО! ЧЕСТИТО МАКЕДОНСКИ НАРОДЕ, СЕ РОДИ НОВА, МОДЕРНА, СУВЕРЕНА И НЕЗАВИСНА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА!!!

0
1312

Со 153 гласа „за“, 140 „против“ и еден воздржан, Парламентот на Грција, денеска, по речиси  11-часовна расправа го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО, јави дописничката на МИА од Атина.

ремиерот Зоран Заев на својата Фејсбук страница реагираше на гласањето во грчкиот парламент со кое Грција го ратификуваше Протоколот за членство на Македонија во НАТО.

„Нашиот пријател, Република Грција е првата земја која го ратификуваше протоколот за членство на нашата земја во НАТО. Одиме кон гарантиран успех. Полесно е со сојузници, гордо кажуваме дека ние сме НАТО“, напиша Заев.

kirjakos-micotakis-1

Гласаме против Протоколот за членство бидејќи е последниот чин од национално штетниот договор, рече лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис за време на расправата за ратификација на Протоколот за членство во НАТО.

Лидерот на најголемата грчка опозициска партија повторно се осврна на македонскиот јазик и македонскиот идентитет за кои вели дека владата ги признала за соседите, истакна дека правно се обврзани „да ги нарекуваме соседите Македонци“.

-Јас никогаш нема да кажам добредојде за Македонецот премиер на земјата. Очекувам вие да го кажете тоа, господине Ципрас. И очекувам господинот Апостолакис, да ѝ посака добредојде во Грција на македонската војска кога ќе имаат заеднички вежби со грчката војска. Ова го имате потпишано, рече Мицотакис.

Тој истакна дека договорот ја поништил цврстата националната стратегија, „веќе 140 години Грција никогаш не дозволи некој трет да го монополизира терминот Македонија“. Додаде дека договорот никаде не споменува Македонци или Македонија за грчката Македонија или, пак, Грци Македонци или грчка Македонија, туку „грчката Македонија се одредува како Северен регион на првата страна“.

Мицотакис уште еднаш го повтори неговиот став дека владата „ги поделила Грците за да ги обедини Скопјаните“ , но и дека Нова демократија нема да го напушти правото за вето за интеграција во Европската унија.

Лидерот на Нова демократија порача дека единствено решение се изборите, бидејќи „ќе донесат политичко прочистување во Грција“.

До неодамна коалициските  партнери во грчката влада, Алексис Ципрас и Панос Каменос, си упатија остри обвинувања и критики за време на расправата во грчкиот парламент за ратификација на Протоколот за членство во НАТО. Каменос обвини дека тие се замолчени, Ципрас му порача дека не дозволил да стане новиот Самарас.

Лидерот на Независни Грци, кој сам од парламентарната говорница рече дека неговата партија ќе остане без пратеничка група и денес говори последен пат како претседател, му се обрати на премиерот велејќи му дека тие решиле да ги замолчат.

-Како што гледате, денес по мојот говор и веднаш по бришењето на Папахристопулос, беше одлучено Независни Грци да немаме право на збор, на учество во комисиите, правото да постоиме како пратеничка група, рече Каменос во неговиот говор.

Претседателот на Независни Грци истакна дека можеби уште вечерва ќе ја достави неговата оставка од позицијата пратеник додавајќи дека „можеби тоа е најдобро за да сфатите дека постојат луѓе што не се интересираат за фотелјата“.

-Сакам да знаете дека нашата егзекуција не значи многу работи, очигледно за вас не значи апсолутно ништо, покажавте дека сте многу ладнокрвен егзекутор, но егзекуцијата на Македонија значи многу. Егзекуцијата на Македонија која не беше вклучена во нашата владина програма, за нас значи многу повеќе, рече Каменос.

Грчкиот премиер во продолжение зеде збор за да му одговори на Каменос.

-Ќе ми бидете благодарен што навреме го сфатив вашиот политички план да ја турнете владата што ја поддржувавте четири години пред едно национално прашање. И ќе ми бидете благодарен што не дозволив, што спречив во историјата да се запишете како еден нов Андонис Самарас. И мислам дека ќе ми биде благодарен и голем дел од грчкиот народ и левичари и десничари бидејќи храбро, смело, решително продолжив напред за да решам едно прашање во корист на националниот интерес во корист на татковината, порача Ципрас.