Ефтини приказни на Биљана Секуловска : Опасноста од ширење на вирусот Витанов

0
234

Секако дека има многу начини за спас од Корона вирусот, но ниту еден спас не е откриен во ниту една лабораторија во светот- спас од големите просветители како извесниот Зоран Витанов, инаку поранешен заменик-министер за економија (неколку месеци, 2001 година) и пратеник, сегашен самопрогласен месија кој чекори по Земјата како вакцина на глупоста, но пред се, разурнувачка бомба на опасноста.

Лежерно сликан насред Виена, пред Катедралата, тој во видео обраќање до светското население ја има својата животна шанса да ги едуцира  загрижените луѓе со пресвртот- во кој тој е единствениот повикан кој има што навистина да им соопшти и објасни.

Нурнат длабоко во транс, проповеда како единствениот преживеан од глупоста на верувањето дека стравот што го шират светските влади е најголемата теорија на заговор што воопшто можела да му се случи на светот.

Најсмешниот дел, според нашиов апостол, се токму тие препораки на владите- пред се здрав разум и одговорност кај граѓаните, како единствена превенција за ширење на вирусот.

Тој пак, се клати во бес и гнев што е празно, пусто и морничаво во срцето на Австрија, согласно препораките, држи говор пред Катедралата, нормално, сосема сам, како последниот човек на Планетава избран од самиот себе да ја пишува историјата.

Шарлатанството тука не застанува- тој проповеда верување во себе, и длабоко во себе, да се зарони во сопствената душа и разум, да не се потклекне на бајките за вирусот, затоа што дури ни чумата не ги сотрела божјите туристички чеда, за кои тој сега лелека и ги повикува да му се придружат. Верувам дека половина од нив се разбегале откако го виделе овој чуден и несекојдневен егземплар кој задишано говори- дека смртните случаи од Короната се всушност запоставени пациенти, ништо поинаку не може да го убеди дека би било можно.

Како додава тој со крештав и пискав,  за негова жал, тоа е оној нехипнотизирачки глас- знаете, не е лоша превентивата, но видете како светските влади ја држат контролата врз вас кутри мои луѓе, ни ги перат мозоците и стравот се шири, хистеријата парализира, а тој, светиот отец и син и што уште не, не би сакал да го гледа човештвото во рацете на ненормалноста, зарем не?

Веројатно за ова лудило предупредуваше и претседателот Пендаровски, информирајќи за загриженоста од лажните вести и манипулациите, кои се најопасното парализирачко оружје со кое владите мора да се справат, во ширењето на Корона вирусот.

Внимавајте, тој предупреди дека овие лажни вести не се дело на глупост или наивност, на незнаење или замаглени погледи на свет, туку за “организирано и планско ширење на лажни вести, со цел дополнително да се влоши ситуацијата и да се изгуби вербата во институциите”.

Затоа веројатно, Зоран Витанов влегол во директен натпревар со Корона вирусот- кој може да биде поопасен во услови кога најдобриот лек е одговорноста во слушање на препораките на Венко Филиче, пред се. Лек за Витанов се уште не е измислен- се додека институциите не се алармираат и не ја сфатат сериозноста од ваквите упади кои се шират многу поопасно, од самиот вирус.

ИЗВОР: НОВА ТВ