ЕУ ќе даде 96 милиони евра за Србија, Албанија и Косово, Македонија не се споменува

0
1647

Европската унија ќе даде 96 милиони евра за три железнички инфраструктурни проекти во Србија, Албанија и во Косово, соопшти денеска на Самитот за Западен Балкан што се одржува во Париз, еврокомесарот Јоханес Хан.

Тој во обраќањето на бизнис-форумот во рамките на Самитот за Западен Балкан во Париз со ниту еден збор не ја спомна Македонија, за разлика од Црна Гора, Албанија, Србија и Косово.

Хан најави и дека ЕУ ќе даде и 50 милиони евра за „зелени проекти“, како што се енергетската ефикасност на стабени згради и мали хидро централи.

„Ова покажува дека ние сме сериозни во нашата решеност до 2020 година висината на грантовите за кофинансирање на поврзувачки проекти да изнесува 1 милијарда евра. Сите овие мерки треба да водат кон создавање на единствен пазар на Западен Балкан, пред приклучувањето на земјите во ЕУ“, рече Хан.

Еврокомесарот смета дека иако во моментов ЕУ е во тешка фаза, потенцијалот за членство во ЕУ продолжува да биде фактор на промени и сидро на стабилност за земјите од Југоисточна Европа.

Хан притоа нагласи дека мерките кои ЕУ ги предлага треба да водат кон создавање на единствен пазар на Западен Балкан, пред земјите и официјално да станат членки на Унијата.

„Еден од најголемите предизвици за подготовка на земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ е реконструкција на економијата. Владеењето на правото и економскиот развој се две страни на една иста паричка. Владеењето на правото, особено правната сигурност и функционирањето на судскиот систем, ги поттикнува инвестициите и економскиот раст. Западен Балкан во моментов се соочува со значителни проблеми. Нашиот пристап е да го зајакнеме економското владеење. Тоа е единствениот начин за регионот да доживее долгорочен економски раст и подоборување на продуктивноста и компетитивноста“, вели Хан.

На Самитот покрај лидерите на балканските земји се и германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франоса Оланд и италијанскиот премиер Матео Ренци.

Македонската делегација ја предводи премиерот Емил Димитриев.

Извор: СДК