Од полицијата потврдија дека претпладнево е пријавен физички напад врз поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров.
Според пријавата, Димитров со синот се движел по улица во населбата Ѓорче Петров кпга непознато лице од зад грб го удрил со нога во грбот, го навредувал и им се заканувал.
За нападот извести и Димитров преку социјалната мрежа Фејсбук.
-Утрово додека нешто пазарев имав непријатна случка со човек кој ни го знам, ни го познавам, а кој ме нападна со агресија и закани. Не знам точно зошто, оти не кажа, веројатно политички, а јас политички сум толку свој што може од сите страни да бил инспириран, објави поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров.
Тој напиша и дека „во моментот кога таа критика е изблик на вербална или физичка агресија, мора да се реагира. Должност е да се реагира. Затоа и случајот уредно го пријавив“.
По нападот, заедно со синот, Димитров се упатил до автомобилот по што заминал во полициска станица каде го пријавил нападот. Полицијата го истражува случајот и е во потрага по насилникот.
Во објавата Димитров вели дека е „добро“ дека си „бркаат работа органите на редот, ама очигледно не е добра македонската демократија и тоа си заслужува коментар“.
Во коментарот, истакнува дека „секојдневно гледаме како просто извира омраза од партиите, од ботовите, од медиумите… болно ни е општеството кога насилници и силеџии сред бел ден може да се закануваат и да се силат“.
Во објавата екс-министерот порачува дека насилството е неприфатливо.
-Да сме и подобри и позрели од ова, пријатели, инаку сите ќе се удавиме во примитивизам. Прашањето ќе биде само кој ќе биде прв, предупредува Никола Димитров.