Грчката полиција се сомнева дека експлозијата што се случи во стан во Атина изутринава при што загина еден маж и тешко беше повредена една жена, можеби е поврзана со бомба која им припаѓа на терористи.
Антитерористичката единица ќе ја води истрагата откако во станот е откриено големо количество експлозив, пренесува Катимерини, повикувајќи се на свои извори.
Полицијата соопшти дека допрва треба да ги идентификува загинатиот маж и повредената млада жена.
Полицајците при претрес на станот пронајдоа пиштол.
Првично имаше сомненија дека експлозијата била предизвикана од истекување на канистер со гас во станот, на третиот кат од стан во атинската внатрешна област Амбелокипи.
Меѓутоа, пожарникарите кои го истражувале местото на настанот утврдиле дека експлозијата се случила во дневната соба, а не во кујната.
Во станот не беа пронајдени боци со плин, што им укажува на инспекторите дека можеби случајно експлодирала бомба во рацете на луѓето во станот.
Според последните извештаи, властите работат на идентификување на починатиот маж и на младата жена која е тешко повредена.
Сопственикот на станот им кажал на властите дека станот го издал неговиот син, кој, како што додаде, моментално живее во Холандија.
Очевидци известија дека експлозијата била силна и се слушала од далеку.
Соседите ѝ кажале на полицијата дека втора жена често го користела станот и дека имала свој комплет клучеви.