Еден месец бесплатно патување – Бали ангажира 4400 инфлуенсери за промоција на туризмот

0
122

Индонезискиот остров Бали ќе ангажира 4400 инфлуенсери со цел да го оживее туризмот погоден со пандемијата на коронавирус.

Инфлуенсерите ќе уживаат во бесплатното патување околу Бали од октомври до ноември и ќе ги објавуваат своите искуства на социјалните мрежи како дел од кампањата „Го сакаме Бали“, се вели во соопштението од одделот за туризам на островот.

„Ковид-19 зададе сериозен удар врз економијата на Бали, социјалниот и здравствениот сектор, вклучително и туризмот“, соопшти канцеларијата, додавајќи дека околу 75.000 туристички работници останале без работа.

Целта на кампањата е да се промовира „новата ера на туризам“ во која посетителите мора да се придржуваат до здравствените препораки за носење маски, социјално дистанцирање и редовно миење на рацете, се вели во соопштението.

Бали беше отворен за туристи од другите делови на Индонезија кон крајот на јули, а планот за отворање за странци на 11 септември не успеа како резултат на зголемувањето на случаите на коронавируси.