Европски сојуз за промени формираше пратеничка група, чиј координатор е Сафије Садики Шаини. Во групата има шест пратеници.
Пратениците од албанскиот опозициски блок – Демократско движење, Беса и Алтернатива, кои неодамна ја формираа коалицијата „Европски сојуз за промени“, во иднина ќе дејствуваат како една пратеничка група. Ваквата одлука ја соопштија на прес-конференција во Скопје. Во групата има шест пратеници – ќе ги координира Сафије Садики-Шаини од Алтернатива, а ќе ја заменува Мерита Колчи Коџаџику од редовите на Демократско движење. Собранискиот спикер, Талат Џафери преку писмена реакција порача дека неколкумината пратеници ги прекршиле собраниските процедури за лична политичка промоција.
Повик
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши упати повик до сите коишто сакаат да им се приклучат. „На овој начин ‘Европскиот сојуз за промени’ цели да ги искористи сите можности кои ги нуди Деловникот на Собранието за пратеничките групи. Иако пратеничкиот мандат е при крај, сметаме дека има многу отворени прашања и процеси поврзани со европската иднина на земјата, за што Сојузот е сериозно заинтересиран да помогне“, изјави Гаши на прес-конференцијата на која присуствуваа и Изет Меџити и Билал Касами.
Барање
По одлуката за заеднички настап во законодавниот дом тие испратиле известување и до претседателот на Собранието, Талат Џафери, од кого бараат да не го пролонгира изборот на член на Државната изборна комисија од редовите на опозицијата.
„Во однос на член на ДИК огласот веќе треба да е затворен, ние имаме предложено наш кандидат, и нема да остапиме од ова. Постојано сме во комуникација со амбасадите, со ОБСЕ со сите што се компетентни по ова прашање и ќе преземеме се што е потребно да го издејствуваме ова, бидејќи тоа ќе значи барем фер и демократски избори. Една држава која се стреми кон преговори со ЕУ да елиминира опозиција на ваков начин преку дискриминација, јасно покажува со какви размислувања водат политики“, рече Меџити.
Прекршување на правилата
Но, претседателот на Собранието, Талат Џафери смета дека Касами и уште неколкумина пратеници ги прекршиле собраниските процедури за одржување на конференции за печат во зградата на законодавниот дом, за лична политичка промоција.
„Прес-центарот во законодавниот дом е наменет исклучиво само за пратениците од тековниот мандат, па така, нејасно е Касами во кое својство присуствуваше и говореше на ненајавената прес-конференција во Собранието. Како поранешен пратеник, Касами би требало да е упатен во процедурите на законодавниот дом и да знае дека, Собранието не е место на кое тој може да се обраќа било како градоначалник или како претседател на партија“, вели Џафери.
Алтернатива, Беса и Демократско движење на 5 ноември ја формираа коалицијата „Европски сојуз за промени“. Пратениците Изет Меџити, Мерита Коџаџику и Кастриот Реџепи летово најавија дека ќе дејствуваат како независни во парламентот, но во јули беа одбиени да формираат пратеничка група во Собранието. Според Деловникот за работа на Собранието, пратеничка група може да сочинуваат најмалку пет пратеника кои припаѓаат на една или на повеќе политички партии.