Европската централна банка (ЕЦБ) денес ја намали референтната каматна стапка за депозити за 25 базични поени на два проценти, што е најниско ниво за повеќе од две години.
Каматните стапки за главните операции за рефинансирање и за маргиналниот заем исто така ќе бидат намалени – на 2,15 проценти и 2,40 проценти, соодветно.
Овие промени ќе стапат на сила на 11 јуни 2025 година.
Според проценката на ЕЦБ, стапката на базична инфлација во еврозоната ќе биде 2,4 проценти во 2025 година и 1,9 проценти во 2026 и 2027 година, што е исто како и прогнозата во март.
Економскиот раст на еврозоната ќе биде 0,9 проценти во 2025 година, 1,1 процент во 2026 година и 1,3 проценти во 2027 година, се додава во извештајот на веб-страницата на банката.
ЕЦБ соопшти дека ќе продолжи со пристап базиран на податоци и донесување одлуки „секој состанок“, без однапред одредена насока на движење на каматните стапки.