Д Е М А Н Т на лагите и манипулациите изнесени во наводи на т.н. движење „Стоп операција Сорос“ на прес конференција одржана во сабота на 4.2.2017 година

0
1225

Здружението на граѓани „ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии“ (до скоро познато како Македонски центар за европско образование- МЦЕО) најостро ги осудува лагите и манипулациите упатени кон нас од страна на т.н. движење „Стоп Операција Сорос“ (СОС) на прес конференцијата одржана на 04.02.2017 год. и ги отфрла во целост како неточни, непрофесионални, нечесни и малициозни, лаги, наменети за наштетување на угледот и чесноста на работата на нашето здружение и нашите колеги и партнери.

Имено, на прес-конференција од страна на т.н. движење „Стоп Операција Сорос“ (СОС) беа изнесени куп лаги, измилици и груби манипулации за дејствувањето на нашето здружение, како и неточни податоци за трансфер на пари кон нашата сметка.

Во однос на дејствувањето на нашата организација господата Чилиманов и Србов истакнаа дека организациите, кои тие неосновано ги оцрнуваат, добиле милионски суми на пари кои ги искористиле за потребите на кампањата на политичката парија СДСМ и дека сите пари префлрени кон МЦЕО од страна на Фондацијата отворено општество- Македонија (ФООМ) биле одлеани за потребите на кампањата. Овој навод најостро го отфрламе како целосно неточен укажувајќи дека нашето здружение никогаш не учествувало ниту финансиски поддржувало функционирање на која било партија и која било партиска кампања.

Нашето здружение е регистрирано во 2002 година и непрестано работи 15 години во областа на едукација, обука, анализа, истражување и застапување во областа на европски политики и европските интеграции. Сакаме да посочиме дека Владата на Република Македонија и натаму го има зацртано зачленувањето на нашата држава во ЕУ и НАТО како стратегиски приоритет на Македонија. Мисијата на нашата организација е да го поддржува пристапувањето на Македонија во ЕУ и европеизацијата на општеството преку истражувања и развој на јавни политики засновани на докази, професионална обука и советување, регионална соработка и застапување за промени. Од своето основање, организацијата има испорачано приближно 3500 денови обука за повеќе од 12000 претставници на јавна администрација на централно

и локално ниво, медиумите, граѓанските организации, судиите и обвинителите, членови на политички партии, итн. Во изминатите петнаесет години, ЕВРОТИНК, има изработено100 извештаи, анализи и студии според стручни методологии, а кои се меѓународно верификувани и широко користени и има организирано исто толку јавни настани за промоција и дискусија на нашата работа, европските политики и пристапувањето во ЕУ. На крајот на 2016 година организација беше главен локален партнер при организирањето на Регионалниот Форум за граѓанско општество за 2016 година кој е дел од официјалниот дел на Берлинскиот процес на ЕУ и Западен Балкан. Со нашето професионално и работно портофлио се потврдува дека лагите за наводни партиски активности и кампањско активирање се груба манипулација на партиски новоникнати таканаречени движења.

Сите наши активности биле во согласност со нашата мисија и законските важечки прописи и поддржани од повеќе донатори. Нашата организација е доминантно финансиски поддржана од фондовите на Европската унија (40% од буџетот во 2016 година) и од уште шест други различни донатори меѓу кои е и нашиот стратегиски партнер ФООМ, но исто така и УСАИД, Швајцарската развојна помош, Британската амбасада, Фондацијата ЕРСТЕ од Австрија, Тинк-тенк фондот од Будимпешта и др.

Во наводите на Никола Србов на споменатата прес конференција има и фактички неточности за шриходите на нашето здружение. Имено, во своето обраќање Србов тврди дека на нашата сметка на денот на почетокот на кампањата се префрлено 1.210.000 денари од ФООМ, 360.000 денари од Метаморфозис, 70.000 денари од Хелсиншки комитет за човекови права и 225.000 денари од НВО Инфоцентар. Според нашите изводи од банкарските сметки во втората половина на ноември 2016 година (кога започна кампањата за предвремените парламентарни избори) нема никаков прилив на нашите сметки од ниту еден од наведените извори на финансирање, а од дел од овие организации никогаш немало прилив на сметката на нашето здружение. Ова наше тврдење можеме во секое време да го поткрепиме со документи, а тоа само потврдува дека таканреченото движење СОС врши црна пропаганда со лажни факти и без никаков релевантен доказ за своите тврдења.

ЕВРОТИНК (поранешна МЦЕО) ги квалификува изјавите на т.н. движење СОС како тешка навреда и клевета, и бара од истото јавно извинување во рок од 7 дена како и интегрална објава на овој Демант на сите медиуми кои беа вклучени во објавата на невистините на СОС. Во спротивно, нашето здружение ќе поднесе тужба за навреда и клевета во согласност со Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда.