„Минатата недела се одржа првата конститутивна седница на Економско социјалниот совет во кој освен синдикатите и работодавачите, претставници од Владата сме јас како министер за економија и труд кој ќе претседавам со ЕСС, министерката за финансии, министерот за социјална работа, демографија и млади и министерката за образование.
За нас од клучно значење транспарентен социјален дијалог. Економско социјалниот совет е трипартитно тело на национално ниво преку кое ние во наредниот период ќе го водиме социјалниот дијалог.
На првиот конститутивен состанок ги слушнавме барањата и на работодавачите и барањата на синдикатите кои во наредниот период очекувам дека ќе дојдат до нас како официјални барања кои ќе ги разгледуваме заедно со моите колеги во Владата на некоја од следните седници.
Од една страна се барањата на синдикатите за поголема минималната плата, која согласно Законот за минимална плата треба да се зголеми во март следната година, но од друга страна тука се и проблемите кои се соочуваат работодавачите со недостаток на квалитетен и стручен кадар како и продуктивност на работниците.
За нас како главна стратешка определба е подобрување на перформансите на економијата, не може од една страна да растат платите на работниците, а од друга страна да нема продуктивност. За нас клучно е овие проблеми да ги решиме заеднички преку социјален дијалог, на тој начин може само да изградиме добра и стабилна економија. Ако немаме добра и стабилна економија тогаш не можеме да зборуваме за напредок на државата.
Затоа преку ЕСС, во дијалог со синдикатите и работодавачите ќе започнеме процес кој ќе води кон сигурна и стабилна економија“