ДУИ и СДСМ блиску до договор и ПРЕД ФОРМИРАЊЕ ВЛАДА : Предлог-закон за јазици е „апсолутно во согласност со Уставот“!

0
1357
Од партиите нема официјални информации за содржината на предлозите за употребата на јазикот, но аналитичарите проценуваат дека е можно усогласување на двете страни.

Веќе една недела СДСМ и ДУИ си разменуваат предлози за употребата на јазикот, а во јавноста официјално не кажуваат детали или ,пак, што е спорно. Упатените велат дека позициите не се толку далечни, па дека е можен договор.

Шефот на кабинетот на Али Ахмети, Артан Груби за Радио Слободна Европа потврди дека нивниот предлог-закон за јазици е „апсолутно во согласност со Уставот“ и, како што додаде, за него нема компромиси.

Со ова практично се елиминира едно од почетните несогласувања. Имено ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците во заедничката платформа бараа промена на Уставот во кој ќе се утврди дека „македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Македонија“. Претседателот на СДСМ Зоран Заев, пак, инсистираше дека за нив е прифатливо сè што е во рамките на Уставот.

Професор Осман Кадриу, кој, како што вели, бил консултиран од партиите за законот за јазици, вели дека СДСМ и ДУИ сега се во фаза на усогласување на предлозите стигнати од двете страни. Непотребно би било да се ставаат барањата за промена на Уставот, бидејќи за такво нешто нема мнозинство, а дел прашања може да се решат со закон, додава Кадриу.

„Јас сметам дека работите изгледаат како да се усогласени стојалиштата меѓу двата блока. Очекувам дека овие денови можеби ќе има и официјална одлука за давањето потписи со кои СДСМ ќе ги собере потребните 61 и ќе го добие мандатот за состав на влада“, вели Кадриу.

Партијата на Али Ахмети побара писмени материјали од СДСМ за да ги даде потписите. Заедно тие ќе имаат 59 пратеника но стигнувањето до потребните 61, според досегашните изјави не би требало дополнително да се компликува. Беса кои имаат пет пратеници и Алијансата за Албанците кои имаат три, досега излегоа со ставови дека ќе му ги дадат потписите на Заев за да земе мандат, но дека тоа не значи и влегување во влада за што понатаму ќе преговораат.

Извор : СлободнаЕвропа