Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во интервју за БИРН рече дека прашањето за трошењето на буџетските пари за репрезентација било отворено во Владата и ќе се подготвува правилник за тоа што смеат, а што не смеат да купуваат државните функционери со службените картички.
„Кога дојдов во Министерството, ми рекоа да ви дадеме картичка, јас реков дека не сакам. Ми рекоа имате лимит, а јас прашав за што е тој лимит, за што се троши. Ако е за делегација, ако е за средба со меѓународна заедница или нешто слично, во ред, тоа за мене е репрезентација. Но, мојот ручек не е репрезентација. Ако сите други граѓани можат да си купат ручек и со минимална плата, и министерот ќе си купи ручек со својата плата. И затоа побаравме на ниво на Влада да се направи правилник. Кога ќе се уреди, ќе биде многу појасно кој како ги троши парите и дали е нешто прекршено“, рече таа.