Дрекслмајер донираше специјално возило за лицата со посебни потреби во Кавадарци

0
72

Германската фабрика  Дрекслмајер донираше специјално возило за лица со посебни потреби во Кавадарци.

Возилото е адаптирано со автоматски управувана рампа за инвалидска количка и содржи потребен простор за превоз на опрема наменета за лица со посебни потреби. За неговото одржување ќе се грижи Општина Кавадарци, а со претходна најава ќе го става на располагање на здруженијата на лица со посебни потреби во градот, според нивните потреби.

На примопредавањето  на возилото присуствуваа градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и претседателот на Здружението за лица со посебни потреби Михајло Михајлов, а се обрати генералниот директор на Дрекслмајер, Лукас Мирингер кој им ги предаде клучевите од возилото и истакна дека грижата за лица со попреченост е една од приоритетните активности во рамки на општествената одговорност на компанијата.

– Со донација на ова возило и понатаму се подобруваат условите за живот на лицата со посебни потреби и сме чекор поблиску кон создавање на живот без бариери и за оваа ранлива категорија на граѓани – истакна Мирингер.

Јанчев се заблагодари на компанијата, која, како што рече, досега со многу реализирани проекти покажа голема општествена одговорност и грижа за заедницата.

– Се надевам дека и во иднина ќе имаме добра соработка – рече градоначалникот.

Ова е трето возило од ваков тип што компанијата го донира за оваа ранлива категорија граѓани. Претходно и здруженијата на лица со посебни потреби од Велес и Градско добија вакви возила. Целта е зголемување на мобилноста и подобрување на процесот на социјализација и инклузија во општественото живеење.