Поранешниот генерален секретар на Владата и обвинет за случајот „Софтвери“, Драги Рашковски, академската кариера ја менува со бизнис амбиција. Поранешниот функционер станува претприемач со основање на фирмата „Демра Холдинг“ засега регистрирана на неговата адреса на живеење во скопски Аеродром.
Основната дејност е „одгледување насади и посеви“, а во рамки на првата фирма во сопственост на Рашковски е регистрирана и подружница „Демра Ауто“ со адреса во Струмица за „трговија со автомобили и моторни возила од лесна категорија“. Фирмата на Рашковски е регистрирана изминатите денови , а под неговото име, покрај тоа што е новопечен управител, и натаму стои дека е професор на Правен факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.
Во обидот да стапиме во контакт со него ни рече дека повеќе не бил јавна личност и дека „не сака да се рекламира“. Последно што се знае за него е тоа дека лани му се укина мерката куќен притвор откако тој достави гаранција во вредност од 11.868.762 денари (околу 192.000 евра) во недвижен имот за случајот „Софтвери“. Рашковски беше во куќен притвор од јули минатото лето и беше прогласен првостепено за виновен за делата „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ со казна затвор од осум години.