ДОДЕКА ЈАПОНСКИОТ ПРЕМИЕР БЕШЕ ВО ИСТОРИСКА ПОСЕТА НА УКРАИНА, РУСКИ БОМБАРДЕРИ ЛЕТАА НАД ЈАПОНСКОТО МОРЕ

0
302

Фото: EPA-EFE

Јапонскиот премиер Фумио Кишида во рамки на својата историска посета на Украина денеска го посети Буча, гратчето недалеку од Киев.
Кишида е првиот шеф на јапонска влада по Втората светска војна кој посетил воена зона. Toj пристигна во Буча со воз рано попладнето, веднаш по пристигнувањето во Киев, а пред средбата со претседателот Володимир Зеленски. Киев смета дека неговото доаѓање во земјата за време на војната е историско. Кишида беше единствениот лидер на земја од групата Г7 кој ја немаше посетено Украина.

„Оваа историска посета е знак на солидарност и силна соработка меѓу Украина и Јапонија. Благодарни сме на Јапонија за нејзината силна поддршка и придонес за нашата идна победа“, напиша заменик-министерката за надворешни работи на Украина, Емине Дјепар на Фејсбук.

Посетата на јапонскиот премиер се совпаѓа со престојот на кинескиот претседател Си Џинпинг во Москва.

Како одговор на пристигнувањето на јапонскиот премиер во Киев, руското Министерство за одбрана соопшти дека два руски стратешки бомбардери летале над Јапонското Море седум часа.Кишида се среќава со Зеленски за да ја изрази својата „почит кон храброста и истрајноста на луѓето кои ја бранат својата татковина под негова команда, како и непоколебливата поддршка и солидарност на Јапонија и групата Г7“.

Јапонија е исто така домаќин на самитот на Г7 во Хирошима во мај. Земјата континуирано ја поддржува Украина и воведува санкции кон Русија, но не испраќа воена помош бидејќи јапонскиот пацифистички устав ги ограничува воените капацитети на земјата само на самоодбрана.