Поранешниот државен јавен обвинител, Љупчо Шврговски, вели оти изјавата на Заев дека не го признава правосудството, не може да се коментира само од еден аспект, бидејќи е јасно дека таа има политичка импликација.
„Тоа е негов личен став и одлука. Но, постапката во ваков случај е јасна. Ако Заев не се појави на судско рочиште, а бил уредно поканет, Законот за кривична постапка предвидува процедура според која треба присилно да биде доведен“, вели Шврговски за Радио Дојче Веле.
Според него, суптилноста на моментот во кој доаѓа ваквата судска одлука – четирипартитни политички преговори за излез од политичката кризата во кои Заев е еден од учесниците, не треба да биде ограничувачки фактор за постапување на судството.
„Правосилноста на обвинението не значи дека на Заев му се нарушува значењето и улогата во актуелните политички разговори или други активности. Напротив, тој има мегдан да се брани на суд и можност да ги компромитира доказите на обвинителот. Тоа е негово легитимно право, а дали ќе успее во тоа, е прашање на судска одлука. Законите се напишани и нормите се кодифицирани за да се спасиме од анархија. Затоа, непризнавањето на правосудството не може да биде урнек за ничие идно однесување. Државата има легални и легитимни инструменти преку кои ја реализира својата функција, токму за да се оневозможи анархија, бидејќи во спротивно, секој би правел што сака“, дециден е Шврговски.
Неуредно поканет?
За разлика од Шврговски, актуелни судии и обвинители вчера бегаа од каков било коментар за одлуката на Заев и неговата оценка дека правосудството е под целосна контрола на премиерот Никола Груевски. Обвинители се правдаа со „долги состаноци“, а судии со ставот дека не е нивна надлежност да коментираат политички изјави.
Сепак, неофицијално прогнозираат дека е мала веројатноста за присилно доведување на Заев на рочиште, барем додека траат политичките разговори и дека „картата“ на која најверојатно ќе се игра во таа насока, е дека „не бил уредно поканет“. Но, подготовките за судскиот процес забрзано течат. Завчера, по електронски пат бил избран судија кој ќе го води предметот „Пуч“, но засега не го соопштуваат неговото име. Од изборот биле изземени судиите кои биле дел од составот на Советот за оценка на обвинителниот акт и оние од претходната постапка, кои ги предлагале мерките на претпазливост или притвор. Судијата што ќе го води преметот „Пуч“ има максимален рок од 60 дена, односно најдоцна до 1 септември, да закаже термин за главна расправа, но терминот може да биде закажан и многу порано од крајниот рок.
Целиот текст прочитајте го ТУКА