Во тек е бербата на родот од проектот Договорно производство на бессемена лубеница во организација на компанијата откупувач „Fres line“ и платформата Агротим. После успешната ланска сезона, компанијата и годинава склучи договори со земјоделските производители кои и досега биле дел од проектот но и нови производители, докажани искусни земјоделци како Митат Исмаиловски од село Будаково.
Неговото производство може да послужи како пример што значи кога со земјоделство ќе се занимавате професионално, со извршување на сите агротехнички мерки и добивање на висок принос и квалитет, а со тоа и загарантиран профит.
Според кажувањата на Исмаиловски, производството на бессемената лубеница освен што е скап расадот, другото вели дека нема разлика голема во текот на производството. -Можам да кажам дека и полесна е за производство бессемената од обичната лубеница, бидејќи е издржлива од болести и штетници, па со 2-3 третирања успешно се развиваше. Наводнувањето се подразбира како и извршувањето на сите други агротехнички мерки. Ова е лубеница со посебен квалитет и вкус – вели Исмаиловски.