Вториот ден од Генералното Собрание на ИНТЕРПОЛ, кое се одржува во периодот од 04-07.11.2024 година во Глазгов, Обединетото Кралство, започна со избор на новиот Генерален Секретар на ИНТЕРПОЛ, Валдеси Уркиза, висок полициски функционер од Федералната полиција на Бразил. Во своето обраќање, Валдеси се заложи за понатамошно зајакнување на меѓународната полициска соработка во рамки на ИНТЕРПОЛ, со инклузивен, транспарентен и интегративен пристап за сите држави членки на Организацијата.
Нашата делегација, предводена од Директорот на БЈБ, Александар Јанев се сретна со Уркиза и лично му честиташе на неговиот избор, при што беше договорена билатерална средба со бразилската делегација, која ќе се одржи во текот на утрешниот ден, а со цел продлабочување на меѓусебните односи на полициско ниво помеѓу нашите држави и реализирање на заедничките иницијативи за поуспешна борба против криминалот, кој оперира преку двата континенти, а воедно и билатерална средба со новиот Генерален Секретар, за дискусија околу планираните активности и проекти кои ИНТЕРПОЛ ги спроведува и поддршката која директно ја обезбедува за нашата полиција.
За време на Генералното Собрание, македонската делегација оствари средби со делегациите на Аргентина, Катар, Полска, Грција и Малта, со цел потврда на постоечките партнерства за соработка и понатамошно унапредување во иднина, преку меѓусебна поддршка за градење и развој на полициските капацитети. Македонската полиција е дел од светското полициско семејство и работиме посветено да бидеме гарант на глобалната безбедност.