ДИРЕКТОРИ И ГАЗДИ ЗА ПРИМЕР: „АЛКАЛОИД“ ЌЕ ДАВА МЕСЕЧЕН ДОДАТОК ОД 1.000 ДЕНАРИ ЗА ДЕЦАТА НА ВРАБОТЕНИТЕ

0
207

Целта на проектот е да се поттикне практикување воншколски активности и ангажмани кај децата, вели Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на УО на „Алкалоид“

„Алкалоид“ АД Скопје ќе обезбеди бенефиции за децата на вработените преку својот најнов проект, при што за секое дете е предвидена месечна партиципација од 1.000 денари во текот на целата учебна година. Тие се наменети за доедукација од областа на странските јазици, курсеви за компјутери, спортски и рекреативни активности и за активности од областа на науката и културата. Со проектот се опфатени и деца од предучилишна возраст и од основното и средното образование.

„Во процесот на иницирање на овој нов проект бевме фокусирани на повисока цел – нашите деца. Сакавме да поттикнеме практикување воншколски активности и ангажмани кои активно ќе придонесат за нивно формирање во комплетни личности, па во иднина тие да дадат свој личен придонес за унапредување на средината во која живеат и дејствуваат. Преку грижата за нашите вработени и преку иницијативите за овозможување придобивки за членовите на нивните семејства ги манифестираме клучните вредности на големото алкалоидово семејство. ‘Луѓето пред сѐ’ е максима која особено ги засега најмладите“, вели Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, промовирајќи го проектот „Бенефиции за деца на вработени“

Во моментов, компанијата има 408 администрирани пријави за бенефиции за деца на вработените, со очекување бројката да расте.