Се отвараат постапки против поранешниот шеф на полициските „Алфи“ Примислав Димовски. Во Јавното обвинителство испратен е извештај за незаконско ослободување на лице уапсено од полициски службеници поради поседување ладно оружје.
Се прибираат и докази за незаконско апсење на градоначалникот на Пустец, Едмон Темелко и за дирекно инволвирање во тортура врз семејството на Коста Крпач. Министерот за внатрешни, Митко Чавков не открива детали но потврдува дека дел од постапките веќе се процесуирани, објави Телма.
,,Ја почитувам презумпцијата на невиност, не би сакал да прејудицирам, процесите се процесуирани до Јавното обвинителство,, вели Чавков.
Се работи за политичка пресметка, вели за Телма, Примислав Димовски. Тврди дека доколку имало какви било докази дека незаконски ослободил уапсено лице, случајот можела да го реши внатрешната контрола и да му изрече дисциплинска мерка.
За другите два случаи најавува дека ќе поднесе тужби за клевета.
,,Ниту јас лично ниту мојата единица не сме учествувале во апсењето на Градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко. Лично ниту го познавам ниту некогаш сум имал каков било контакт со починатиот Коста Крпач. Претрес во неговиот дом има извршено мојата единица ,, Алфи,, две недели пред да се случи самоубиството. Јас не сум присуствувал на претресот“ изјавил Примислав Димовски за Телма.
Тврди дека незаконски бил разрешен од функцијата. За неговото назначување од страна на Оливер Спасовски се произнеле и Управниот суд и ДИК од каде било наведено дека решението не подлежи на врзани потписи.
Владата според него во конкретниот случај се ставила над Управниот суд. Министерот Чавков негира, нема никакво прекршување на Законот за кривична постапка, спроведувал одлука на Влада.
На местото на Димовски, Чавков повторно го назначи неговиот претходник, Ивица Анчевски Пуки за прв човек на Алфите. Тој беше осомничен во случајот “Тортура” што го отвори СЈО за измачување на Љубе Бошкоски при неговото апсење.
Набрзо беше аболициран од претседателот Иванов, но ова за Чавков не е пречка за ваква висока функција.
„Имате вие претседател на опозиција кој е аболиран“ потенцира Чавков.
Покрај Примислав Димовски, Чавков ги разреши од функцијата и сите началници кои беа назначени од Оливер Спасовски а на нивно место се вратени претходните.