Министерот за надворешни работи Никола Димитров на собраниската Комисија за европски прашања, на која се дебатираше за недобивањето датум за преговори за ЕУ, ја обвини опозицијата недонесувањето на законот за ЈО.
Рече дека е политичка дрскост што оваа Влада се обвинува за грешката на европскиот самит и срамно е што тоа, како што рече, доаѓа од луѓе кои никогаш подалеку не не однеле од оваа стратешка цел.
– Од нив сега доаѓа обвинувањето. Ќе ми биде срам да зборам за ЕУ и да ги изговорам буквите „Е“ „У“, тоа е политичка дрскост и бесрамност, особено со законот за СЈО, рече Димитров истакнувајќи дека сега треба да го положиме овој испит на зрелост.
Оцени дека во наредните месеци треба да покажеме консензус со опозицијата, и да се донесе донесеме законот почитувајќи ги црвените линии.
– Политиката да не се меша што се гони и што не се гони. И политиката да не става подобни и неподобни јавни обвинители. Ако можеме тоа да се договориме тоа ќе ни помогне многу. Се дотогаш, опозицијата нема да биде реална политилчка алтернатива ако сакаме да одиме кон Европската Унија, рече шефот на дипломатијата.
Претходно, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата откако пратеникот Антонијо Милошоски ја оцени денешната седница на Комисијата како владина забава.
Тој повика на дебата за оваа тема утре во Комисијата за надворешни работи и го покани таму да дојде министерот за надворешни работи Димитров.
Милошоски ја покажа фотографијата од вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, од лани, кога тие се пофалија дека земјава добила датум за почеток на преговори.
– Министрите кои ширеа лажни вести сега ќе треба тоа да го објаснат. Дали е постигната целта? Не е постигната. Османи и Димитров ќе зборуваат за одговорноста на странски политичари и за Брегзит и Кина, а не за нивната одговорот. Тие ќе понудат манипулативни објаснувања, ќе се откажат од ланските изјави, но не и од функциите. Ние нема да учествуваме во ваква пародија. Денеска нема да ја расипеме вашата провладина забава, за вистинска дискусија дојдете утре на Комисијата за надворешна политика, рече Милошоски.