Димитров: Врвна амбиција на ВМРО-ДПМНЕ е да избегне правда низ административните и судски лавиринти

0
109

– Големи чекори се направија во законодавството, тоа го зборува и ЕК тоа го зборува и Венецијанската Комисија, тоа го зборува и извештајот на ЕК меѓудругото, меѓутоа не е доволно. Мислам дека со нашите предлози и во однос на имотната состојба на судии, на јавни обвинители што е нешто што треба да се направи и во однос на другите мерки ние мора одговорноста на правосудниот систем да ја ставиме на пиедестал, посочи Никола Димитров, носителот на листа во ИЕ1 од коалицијата „Можеме“.

Тој, во „Отворено студио“ на ТВ24, истакна дека правдата не е барање одговорност во другите политички редови, правда е, како што посочи, кога е неселектива и нема нашите, вашите.

– Меѓутоа мислам дека главниот проблем зошто не сме позадоволни во оваа област е токму што од друга страна имавме една политичка сила со луѓе и низ администрацијата и низ судовите кои што врвна амбиција им беше да нема правда односно да се бега, рече Димитров.

Димитров истакна дека на 15 јули ќе се создаде Влада која ќе биде проевропска, прореформска. – Тоа е владата на СДСМ, којашто го отвори патот што беше забарикадиран од опозицијата, рече Димитров вечерва во „Отворено студио“ на ТВ24.

Има, вели тој, една карикатурална димензија да зборуваме за ЕУ со носител на листа од коалиција предводена од ДПМНЕ, бидејќи оставштината на нивното владеење само придонесе уште поголема да стане барикадата на нашиот европски пат.

-Европската комисија ја нарече нашата земја „заробена држава“ токму поради опозицијата. Ние, од јуни 2017 год, направивме пресврт за 180 степени и успеавме да испорачаме. Мислам дека по 15 години застој има апсолутно основ за одбележување за извесно задоволство кога правиме вакви крупни чекори за нашата европска иднина. Факт е дека ова е крупен чекор,појасни Димитров, во однос на позитивните вести од Европската комисија која што го утврди предлогот на преговарачката рамка која од вчера е во рацете на земјите членки на ЕУ.