Димитров: Ако ЕУ дозволи македонскиот јазик да биде пречка тогаш не може да се нарекува „европска“!

0
408

Борбата за “светата народна слобода” против најцрната страница од историјата – фашизмот, е една од најзначајните борби на нашите претци на кои денес им положивме цвеќе. Ни оставија држава во аманет, порача денеска вицепремиерот Никола Димитров.

-Првата цел на нашата борба како илинденски и асномски наследници, беше да ја зацврстиме и обезбедиме државата преку членството во НАТО. Таа работа ја завршивме.

Сега треба да “строиме живот, слобода, иднина за жени, деца, старци, младинци”, сега треба европскиот начин на живот да го донесеме дома, во нашата Македонија, во Република Северна Македонија. За да имаме просперитетна држава и силна економија, со добри работни места и плати, со правда за сите, со европско образование и здравство, со чиста животна средина, порача Димитров.

Тој при своето обраќање од Прилеп потенцираше и ако Европската Унија (ЕУ) дозволи на некој начин македонскиот јазик да биде пречка тогаш нема да ја заслужи во своето име „европска“.

-Мислам дека е неевропски предизвик македонскиот јазик да стане пречка на нашата европска иднина и интеграција. Ако ЕУ дозволи на некој начин ова да биде пречка тогаш нема да ја заслужи во своето име „европска“. Не знам дали ќе можеме да веруваме на таква Европска Унија. Мора мудрост и почит. Нема пријателство без заемна почит. Сите што сакаат на македонскиот народ да му бидат блиски и пријатели мора не прифатат кои сме и каков јазик зборуваме – ние зборуваме македонски јазик. Без елементарна почит не може да се развие блискост или пријателство. Никој друг на светот, ниту една друга држава, ниту соседна ниту подалечна, па ниту меѓународна организација нема право да се меша во нашето самоопределување, изјави Димитров.