ДИМИТРИЈЕВИЌ : ЗА ПАРТИСКИТЕ И БИЗНИС ИНТЕРЕСИ СТЕФКОВСКИ И ВМРО-ДПМНЕ ЈА ЗАДОЛЖИЈА ГАЗИ БАБА СО ПЕТ МИЛИОНИ ЕВРА

0
557

Изјава за медиуми, Александар Саша Димитријевиќ, координатор на советничка група на СДСМ во Советот на Општина Гази Баба

Почитувани граѓани, почитувани новинари,

Од една од најбогатите општини во државата, градоначалникот Бобан Стефковски и ВМРО-ДПМНЕ, за помалку од година и пол направија задолжена општина, без визија за развој, без проекти и решенија за граѓаните.

Вчера, Стефковски и Советот предводен од ВМРО-ДПМНЕ ја задолжија Гази Баба за пет милиони евра, преку таканаречена општинска обврзница.

Стефковски наследи полна општинска каса со 3,2 милиони евра, како и низа на започнати проекти за кои не требаше да потроши денар, затоа што тие веќе беа финансирани од претходно.

Стефковски да одговори каде во рок од само една година ја потрошил оваа заштеда, за денес да мора да ги задолжува жителите на Гази Баба.

Градоначалникот и советниците од ВМРО-ДПМНЕ вчера ја задолжија општината без да ги наведат проектите што ќе се финансираат од задолжувањето, без да го наведат рокот на отплата, без да ја објавата каматната стапка.

Едноставно, Стефковски има дискреционо право како сака да ја задолжува општината.

Со издавањето на оваа обврзница, која може да ја купи секој, се отвора простор одредени компании и бизнис групи преку финансирањето на обврзницата да вршат притисок врз работата на градоначалникот и Советот.

За пет милиони евра, Гази Баба лесно може да стане заложник на нечии бизнис интереси, на одредени групи кои потоа може да диктираат носење урбанистички планови и тенедерски постапки.

Освен задолжување, масовна партизација и трошење на парите на граѓаните за непродуктивни цели, Стефковски и ВМРО-ДПМНЕ не сработеа ништо во Гази Баба.

Играјќи по нотите на Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ ја турна Гази Баба во безидејност и бесперспективност.